Започнувајќи го моето високо образование, го направив вистинскиот избор со запишување на Електротехничкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип. Овој избор не само што го обликуваше мојот живот, туку и го отвори патот кон нови можности и успех.
Студирањето на Електротехничкиот факултет ми донесе бројни предизвици, но благодарение на одличните професори и асистенти овие предизвици ги надминав со страст и посветеност кон науката. Знаењата кои ги стекнав од областа на енергетиката и автоматизацијата на процесите ми помогнаа да се издигнам и да постигнам извонредни резултати. Со голема желба и посветеност успеав да станам најдобар студент на генерацијата со просек од 9.68/10 за студиската програма од 2014 до 2018 година.
Мојата академска извонредност ми овозможи да ја започнам мојата кариера како CAD инженер во „Adient Seating“, една од најдобрите компании во Македонија. Оваа прва значајна позиција ми даде можност да го применам и надградам моето знаење во реалниот свет.
Но, мојата жед за знаење не застана тука. Одлучив да го надградам моето академско знаење со запишување на магистерски студии на Техничкиот универзитет во Софија. По успешно магистрирање, мојата кариера продолжи да се развива и сега работам како Engineer Design Enablement во „GlobalFoundries“ во Софија, Бугарија. Една од водечките светски производители на полупроводници и нанотехнологии. Во „GlobalFoundries“ ние ги редефинираме иновациите и производството на полупроводници. Сепак, најголемата благодарност ја должам на мојот факултет и на професорите кои од мене изградија успешна личност.
Електротехничкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип беше вистинскиот избор за мене и го постави темелот на мојот успех. Сигурен пат до успехот започнува со вистинскиот избор – јас го избрав УГД и Електротехничкиот факултет и го направив најдоброто за себе.
Мартин Панајотов, дипломиран студент на Електротехнички факултет, вработен во „GlobalFOundries“ – Софија, Бугарија