Search
|     contact@ugd.edu.mk

Инфо сесија на Академијата за жени претприемачки

На 18 септември (среда) со почеток во 12 часот во свечената сала на Земјоделски факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, трети кат, Кампус 2, ќе се одржи информативна сесија за Академијата за жени претприемачки (AWE)
Споделете

На 18 септември (среда) со почеток во 12 часот во свечената сала на Земјоделски факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, трети кат, Кампус 2, ќе се одржи информативна сесија за Академијата за жени претприемачки (AWE), која e поддржана од Амбасадата на САД во Република Северна Македонија, a имплементирана од страна на Mакедонско-американска алумни асоцијација.

Академијата за жени претприемачки (AWE) е наменета за студентки од завршните години на факултетите од ИТ и СТЕМ областите, како и за жени-сопственички или менаџерки во областа на креативните индустрии. Академијата нуди платформа за поттикнување на претприемништвото и иновациите кај жените, овозможувајќи им да навлезат и да напредуваат во бизнис води во кои традиционално доминираат мажите.

Примарната цел на Aкадемијата е да се обезбеди знаење, вмрежување,  пoтребно за да основа сопствен бизнис и да се развие постоечкиот бизнис.

Станува збор за онлајн-програма за обука, во чиј центар е платформата DreamBuilder, која е развиена во партнерство помеѓу Thunderbird – школата за глобален менаџмент на Државниот универзитет во Аризона и американската фондација Freeport-McMoRan. Програмата опфаќа основи на пишување бизнис план, продажба и маркетинг, обезбедување на финансии, управување со ресурси и друго, при што секоја учесничка креира и персонализиран бизнис план, употребувајќи корисни алатки и шаблони, кои им се на располагање и по завршување на Академијата. По завршување на програмата секој учесник ќе има свој бизнис план, подготвен за имплементација.

Академијата за жени претприемачки (AWE) е формирана во 2019 година од страна на Бирото за образовни и културни работи на Американската Влада и се спроведува во преку 80 држави низ светот, помагајќи им на повеќе од 15.000 жени претприемачки да основаат сопствен бизнис или да го прошират и зголемат својот веќе постоечки бизнис. (https://eca.state.gov/awe)

Аплицирањето за овогодишната генерација на учеснички ќе започне на 16 септември. На настанот во Штип ќе бидат презентирани сите детали за процесот на аплицирање, начинот на спроведување на програмата и дел од минатогодишните учеснички ќе го споделат своето искуство.

Настанот се одржува како дел од соработката помеѓу Универзитетот „Гоце Делчев“ и Македонско-американската алумни асоцијација кои имаат потпишано Меморандум за соработка во 2022 година.