Во понеделник, 13 мај 2024 година, на Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ќе се одржи иновативен настан посветен на Денот на Европа и значењето на Европскиот парламент во демократските процеси во Европската Унија.
Настанот насловен „Симулација на Европски парламентарни избори 2024″ ќе започне во 11 часот со поздравен говор од проф. д-р Олга Кошевалиска, декан на Правен факултет, а програмата ќе продолжи со серија на предавања и презентации преку кои ќе бидат истражени различните аспекти на Европските парламентарни избори, со особен фокус на значењето и улогата на Европскиот парламент. За време на настанот, учесниците од Хрватска и од Италија, м-р Ален Лалич и Томазо дел Бекаро, ќе ги споделат своите искуства поврзани со изборниот процес во нивните држави. На овој настан свое излагање ќе имаат ученици од Средното општинско училиште „Љупчо Сантов“ во Кочани, кои ќе го презентираат нивното искуство од остварената посета на Euroscola во рамките на Европскиот парламент во Стразбур, под менторство на проф. Александар Михајлов.
Покрај предавањата, настанот ќе вклучи и интерактивна симулација на изборите за Европскиот парламент, каде што студентите под менторство на демонстратор м-р Елена Трајковска и проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска ќе имаат можност да се запознаат со работата на Европскиот парламент и да учествуваат во симулација на изборниот процес.
Овој настан претставува одлична можност за студентите и широката јавност да го разберат значењето на активното учество во изборите, како и да се поттикне размислување за европското граѓанство и демократскиот резултат во ЕУ. Настанот ќе заврши со дружба и дискусија меѓу учесниците.
Ги покануваме сите заинтересирани студенти и граѓани да ни се придружат на ова уникатно искуство и да придонесат кон конструктивниот дијалог за иднината на Европа.
Овој настан е организиран во соработка помеѓу Правниот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и Europe House Струмица.