На 10 ноември 2023 г., во 20 часот, во просториите на Младински културен центар во Скопје ќе биде отворена Изложбата „Секвенци на рефлексијата“ од авторот Слободан Милошески. Изложбата е составена од 14 скулпторски дела од галериски формат, создадени во последните две години во материјал инокс. Скопската публика ќе има можност да ја посети изложбата до 19 ноември.
„Секвенци од рефлексијата навестува концепт што предизвикува размислување, фокусиран на интроспекција и самооткривање. Се чини дека скулптурите прикажуваат серија на огледални фрагменти, од кои секоја одразува различни аспекти на идентитетот на гледачот. Ги поттикнува гледачите да размислуваат за сложениот човечки идентитет и слоевите на нечија личност. Поради тоа, распоредот на рефлектирачките елементи во скулптурата се смислено дизајнирани. Секој фрагмент ја доловува и прекршува светлината на уникатен начин, создавајќи динамичен и постојано променлив приказ додека гледачот се движи околу скулптурата. Овие скулптури го вовлекуваат набљудувачот во дијалог со уметничкото дело на тој начин создавајќи еден вид на интеракција“ – вели историчарот на уметност проф. д-р Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба.
Слободан Милошески до сега има реализирано 30 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 90 групни изложби во земјава и во странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се: Наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, Наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година, Наградата за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020 година, Наградата за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година и Наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ – Скопје во 2021 година.
Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор меѓу кои скулптури на Живко Чинго, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, Спомен-обележјето на Првото заседание на АСНОМ, Скулптура на муза наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура поставена на Интернационалниот балкански универзитет, сите во Скопје.
Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитет „Гоце Делчев“ во Штип.