По повод Неделата на италијанскиот јазик во светот, Филолошкиот факултет при Универзитет „Гоце Делчев“ организира предавање со наслов „Светот е книгата – италијанските писатели и научници и новата визија на светот во ерата на барокот, просветителството и неокласицизмот“. Предавачи се проф. д-р Ева Ѓорѓиевска и проф. д-р Јована Караникиќ-Јосимовска од Катедрата за романски јазици и книжевности при Филолошкиот факултет (УГД). За време на предавањето ќе биде промовирано и дигитално учебно помагало од областа на италијанската книжевност на барокот, просветителството и неокласицизмот.
Настанот ќе се одржи на 21.10.2024 г. (понеделник) во 12 часот во Тренинг центарот на УГД. Тема на годинешната Недела на италијанскиот јазик во светот е „Италијанскиот јазик и книгите: светот меѓу редови“. Оваа тема има за цел да овозможи истражување на врската помеѓу јазикот и литературата во современиот свет, истовремено засилувајќи ја улогата на книгата како средство на италијанското културно, вредносно и идентитетско наследство.