Универзитетот „Гоце Делчев“ го одбележа Денот на науката, 10 ноември, со доделување на признанија на професорите со највисоки научни достигнувања. На овој начин, УГД потврди дека Денот на науката е одлична можност да се препознае и почитува посветеноста и напорната работа на вработените на Универзитетот кои дадоа значителен придонес во светот на науката.
– Денес во рамки на прославување на Светскиот ден на науката им оддаваме признание на најдобрите научници за 2022 година, бидејќи нивната напорна и посветена работа резултираше со голем број на трудови објавени во меѓународни списанија, што нѐстава нас како мал универзитет сепак еден важен дел од вкупната научна продукција. Ова е еден нов чекор на УГД, кој покажува дека ќе посвети многу повеќе внимание на активностите поврзани и со научното истражување. Задоволство ми е што меѓу нас имаме научници кои се респектабилни на светско ниво и кои овозможуваат нашата земја да се вклучи во процесите на современото научно работење, кои во основа се дел од нашето секојдневно живеење и ни овозможуваат да живееме со многу поквалитетен, посодржаен и покомфорен и безбеден животен стил – изјави ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.
Еден од добитниците на награда е и проф. д-р Рубин Гулабоски, кој ја поздрави иницијативата бидејќи науката е една движечка сила на секое општество.
– Како што УГД е движечка сила на Источна Македонија, така и науката е движечка сила и без неа нема никаков развој во кое било општество. УГД е релативно млад универзитет, за 15-16 години, тоа време можеби не е доволно дури ни инфраструктурата на еден универзитет да се овозможи. А кога ќе погледнеме дека за 15 години УГД е профилиран на второ место во Македонија и во првите 10% најквалитетни универзитети на светско ниво. Тогаш треба да се прашаме кој е потенцијалот и која е причината за еден таков успех. Тоа се вложувањата во науката кои најверојатно се невидливи и не можеме да ги видиме целосно. Еве неколку примери. На УГД има автори кои публикувале во научните списанија Science и Nature. Знаете ли што значи во науката? Исто како во тенисот Федерер и Ѓоковиќ да играат во Тениски клуб ЈУГ. На УГД има научници кои работат, работеле и соработуваат со нобеловци. На УГД има публикувано труд за материјал со кој се испитува староста на универзумот, тоа е рудникот Алшар и минералот лорандит, и во такви едни сурови услови, во присуство на хазардни материјали најдени се бактерии и типизирани се за прв пат. Тоа значи дека имаме наука која во исто време ни кажува како настанал универзумот и како настанал животот на планетата Земја. Научници на УГД од 2010 до 2016 година публикуваа серија на научни трудови во кои покажаа како може да дојде до природна модификација на главниот механизам кој ни обезбедува енергија во човечкото тело, а тоа е механизам за кој во 1979 година Питер Мичел доби Нобелова награда – изјави проф. д-р Рубин Гулабоски.
Меѓу добитниците е и проф. д-р Лимонка Коцева-Лазарова, за областа на природни науки, која рече дека наградата е мотив и поттик за сите колеги научни работници.
– Наградата не е само моја, таа е на целиот тим колеги од Факултетот за информатика, со кои заеднички работевме на истражувањата и заеднички публикувавме резултати во научни списанија кои се индексирани во референтни научни бази. Искрено ја поздравувам оваа иницијатива на УГД, затоа што првпат оваа година оформи фонд за индивидуална поддршка на научната работа на неговите вработени, но и затоа што со одбележувањето на Светскиот ден на науката и со доделувањето на наградите и признанијата, покажа дека ја почитува, препознава, валоризира и наградува работата на неговите вработени. Искрено се надевам дека оваа година со 60-ина пријавени ќе биде поттик за следната година да бидат барем двојно повеќе пријавени од сите факултети и дека бројот на награди и признанија ќе биде двојно поголем. Со оваа индивидуална поддршка за научни истражувања, со овие награди и признанија, Универзитетот не само што ги мотивира колегите, наставничкиот кадар, туку дополнително со тоа што ги мотивира да работат повеќе, да истражуваат и да ги публикуваат резултатите во референтни научни списанија, овозможува издигнување на УГД на уште повисоко ниво – и на државно и на светско – изјави проф. д-р Лимонка Коцева-Лазарова.
Добитници на награди годинава се: проф. д-р Павлинка Кокошкарова, проф. д-р Рубин Гулабоски, проф. д-р Лимонка Коцева-Лазарова, проф. д-р Александар Цветковски, проф. д-р Татјана Рушковска, проф. д-р Билјана Петревска, проф. д-р Александра Стојанова, проф. д-р Виолета Иванова-Петропулос и проф. д-р Сотирија Дувлис.
Добитници на признанија се: проф. д-р Билјана Златановска, проф. д-р Марија Амповска, проф. д-р Биљана Балабанова, проф. д-р Викторија Максимова, проф. д-р Афродита Зенделска, проф. д-р Катарина Смилков, проф. д-р Марија Митева, проф. д-р Александра Милева, проф. д-р Дејан Маролов, проф. д-р Тена Шијакова-Иванова, проф. д-р Ивица Смоковски, проф. д-р Јована Караникиќ-Јосимовска, проф. д-р Наташа Коцевска и проф. д-р Даринка Ѓоргиева-Ацкова.