Search
|     contact@ugd.edu.mk

УГД домаќин на Работилница од проектот „Digital Teachers – Classrooms without borders“

Споделете

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип беше домаќин на последната Работилница на Европскиот Еразмус + К220 SCH проект – „Digital Teachers – Classrooms without borders”. Во проектот покрај проектниот тим на УГД се вклучени партнерите од Естонија, Португалија, Турција и Грција. Инаку, овој проект функционира веќе две години, а од споменатите земји се вклучени училишта, како и една асоцијација од Грција која се занимава со развој на технолошки продукти.

Оваа Работилница беше поврзана со вештачката интелигенција и можностите за нејзина интеграција во образовниот процес, предности и недостатоци…

Наставникот е носителот на промените и креатор на успехот на учениците на меѓународните тестирања.

-Ние како универзитет сме задолжени за развој на дигитална платформа за еучење и интеграција на нови дигитални содржини. Преку проектот и работата на нашите европски партнери веќе гледаме дека успехот зависи, пред сѐ, од неговото височество наставникот. Нашите наставници мораме да ги оспособиме да бидат наставници на 21 век, универзитетските професори треба почесто да си го бараат своето место во соработката со наставницитеизјави проф. д-р Татјана Атанасова-Пачемска, проектен координатор од Универзитетот „Гоце Делчев“.

Партнер во проектот е и Естонија, држава во која учениците постигнуваат апсолутно најдобри  резултати на Писа тестирањата по математика и природни науки. Има неколку моменти, кои може да се оценат како важни за ваквиот успех, велат учесниците во проектот од Естонија.

Пред сѐ, учениците се многу мотивирани, се чувствуваат безбедно и пријатно во училиштата, им веруваат на нивните наставници и работат заедно во безбедна и здрава училишта средина, што исто така се одразува на добрите резултати. Исто така, образовниот систем во Естонија се карактеризира со флексибилност, пред сѐ во поглед на начинот на кој се изведува наставата. Наставниците имаат можност да бираат како и на кој начин ќе ја изведуваат наставата, дали ќе останат во училишните простории или ќе излезат надвор од нив, што се покажува како добра практика.

Интересни примери има и од другите европски држави, а според професорката Пачемска, од овој проект веќе произлегуваат интересни и квалитетни искуства, кои може да се применат во македонскиот образовен систем.