Со свечен прв академски час, Универзитетот „Гоце Делчев“ им посака добредојде на околу 1500 новозапишани студенти на студиските програми на 12 факултети и три уметнички академии. За ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, значајно е тоа што УГД ја продолжува и зголемува поддршката која им ја дава на студентите:
Денес започнуваме со нова учебна година за 1500 студенти, и како што ветивме минатата година, продолжуваме со поддршка на студентите, воведовме ослободување од партиципација на талентираните студенти и на студенти од ранливите категории. За првпат воведовме целосно ослободување од партиципација на идните филолози македонисти, како еден вид поддршка на зачувувањето на македонскиот јазик. Дополнително воведовме студиски програми на англиски јазик кои веќе привлекуваат студенти од повеќе држави. Бројката на примени студенти е бројка која се очекуваше. Во последните години е таа бројка, со мали осцилации, имајќи предвид дека имаме негативна демографија, сметаме дека тоа е успех за Универзитетот.
Од аспект на квалитетот на студентите, привлекуваме ученици со повисок просек, се запишуваат на сите факултети и студиски програми. Тоа ни прави големо задоволство, и ние ќе ги отвориме сите наши капацитети, преку современи лаборатории, преку можност за соработка и со индустријата и со здравствените установи, да успееме да им пренесеме што поквалитетно образование и што поквалитетни можности за нивна кариера. Во бројките со странски студенти сме стабилни, секоја година запишуваме околу 200 странски студенти на сите студиски програми. Интересот полека се буди и на другите студиски програми освен на Медицина, сега веќе има и на Правниот факултет и на Факултетот за информатика. Засега доминираат студенти од Турција, но и тоа се менува, па имаме веќе студенти од западните држави, од Германија, Шведска, па дури и од САД
– изјави ректорот Мираковски.
На Првиот академски час свој збор имаа и студентите кои имаа што да и им порачаат на своите нови колеги.
Ирена Жежова, претседател на Студентската организација на студенти од Факултетот за медицински науки – СОМА, ги поттикна бруцошите да не ги испуштаат можностите за вклучување во воннаставни активности, бидејќи тие се извонредна можност за секој млад човек:
Нашиот Универзитет покрај класичното, формално образование голем акцент става и на неформалното образование. Јас тоа го знам бидејќи сум член на повеќе организации при УГД – на Факултетското студентско собрание, медиумот Гоце.мк и Студентската организација СОМА. Затоа ги поттикнувам сите идни студенти да не бегаат од воннаставните активности и да не ги сметаат како дополнителна обврска, туку напротив како патоказ кој ќе им помогне во градењето на успешна кариера.
Презентација за најважните прашања за новите студенти, прашања кои ќе им излегуваат секојдневно за време на студирањето, одржа Дино Карпичаров, поранешен студент, а сега асистент на ФМН:
Горд сум што сум дел од УГД, бидејќи УГД нуди многу современи студиски програми преку кои ги подготвува своите студенти да станат висококвалификувани кадри кои на пазарот на трудот нема да понудат само теоретско знаење, туку и врвни практични вештини, и доказ се нашите домашни студенти, но и странските кои добиваат меѓународно признаени дипломи, кои без проблем се нострифицираат во нивните држави. Исто така, би сакал да го истакнам спроведувањето на Еразмус плус програмата за мобилност, можноста за самостојно истражување и развој во рамките на институтите и катедрите на УГД, и посветеноста на наставничкиот и соработничкиот кадар, и согласно со тоа да констатирам дека УГД полека но сигурно станува стожер на високото образование во Македонија
– изјави Карпичаров.
Зачувувањето и негувањето на македонскиот јазик е од извонредно значење, и од тој аспект многу е важно што УГД одлучи да ги ослободи од плаќање партиципација во четирите години од студирањето сите студенти на Катедрата за македонски јазик. Ова го потврди и Величе Илиева, бруцош на Филолошки факултет, на Катедрата за македонски јазик:
Навистина ми е драго што како млад човек сум опфатена со мерките за поддршка на млади за македонистика. Од оваа година е донесена мерка за ослободување од партиципација на студентите на Катедрата за македонски јазик и тоа за нас претставува дополнителна мотивација да студираме на УГД, да се справиме како идни професори кои ќе го негуваат и чуваат македонскиот јазик.