Со законски одредби средното образование во нашава земја е задолжително за сите лица, а услов за запишување е претходно завршено основно училиште кое трае девет години. Средното образование во државата се реализира најмногу низ работата на јавните средни училишта или средношколски образовни центри во кои има гимназиско образование или гимназиски паралелки (со можни насоки од јазично-општествени и природно-математички науки и класични гимназии), средни стручни училишта (со технички, медицински, фармацевтски, економски, правни, земјоделски и други насоки), како средно јавно уметничко образование со ликовно, музичко и балетска уметност.
Мојата елаборација се однесува на сите средни училишта со четиригодишното средно образование кое е неодминлив предуслов за продолжување на образованието на повисоко ниво – високо образование (факултети, академии, високи школи).
Со завршувањето на средното образование вообичаено се смета дека луѓето се оспособени да работат и да заработуваат за организирање, одржување и развој на животната егзистенција. Стекнатите знаења, вештини и способности со завршено средно училиште стигнуваат до нивото на занимање (но, не и нивото на професија за која е неопходно стекнато високо образование).
Појдовна идеја на моето согледување е дека има основана потреба средношколците да изучуваат правни дисциплини (да имаат наставни предмети) и да стекнуваат правно знаење произлезено од научен, аналитички и практичен пристап.
Со тоа средношколците (моментални или идни полнолетни граѓани на државата, утрешните студенти) ќе добиваат научно втемелени и образложени сознанија за општествената средина, за белезите на нивното животно опкружување, најмногу за правниот систем на државата, за слободите, правата и обврските кои произлегуваат од правните акти, најчесто од Уставот и од законите во државата.
Низ обработка на правна материја ним ќе им бидат познати и прифатливи поимите:
– демократија (најчесто подразбирана како владеење на народот и остварување на интересите на граѓаните),
– право (како потреба на секоја општествена заедница да воспостави норми за определени егзистенцијални односи и ситуации),
– правен систем (содржан во мноштво пишани закони и други правни прописи што ги донесуваат државни или општествени органи),
– правна држава (неопходност од донесување квалитетни правни акти кои модерно ги уредуваат и ги насочуваат состојбите и процесите),
– владеењето на правото (доследно и креативно почитување и примена на донесени правни норми, спротивни од владеењето на личностите како поединци и групи),
– човековите слободи и права (од домашни и меѓународно-правни акти),
– надлежностите и функциите на органите на државната власт.
Пристапот во подготвувањето на учебничка литература и во презентирањето низ наставниот процес е неопходно да соодветствува на возраста на учениците, на нивното ниво на знаења и реалната нивна заинтересираност за оваа проблематика заради усвојување на сознанијата и со цел за нивно ползување во дневниот живот. Тоа значи подиректно изнесување на теориските основи, разбирлив речник и стил, издвојување на најбитните содржини и експликација на суштинските елементи. Накусо, и учебниците и наставата умешно и успешно да комуницираат со средношколците за сознанијата да станат релативно полесно дел од нивниот сознаен фонд.
Кои би биле можните наставни дисциплини од правната сфера застапени во средното образование? (Се разбира, со прикладно димензионирање во конкретните наставни планови и програми на дадените средни училишта и струките во нив, во смисла на траење – една или две години, односно затапеност во едно или две полугодија од учебните години.) Размислувањата се движат околу овие наставни дисциплини / предмети:
- прво, основи на демократијата, правната држава и владеење на правото;
- второ, човекови слободи и права;
- трето, уставно уредување;
- четврто, односи општество – право, право – политика, право – етика.
Кои се претпоставените и можни резултати од ваквото образование?
- Подигнување на знаењата за опкружувањето на личностите, со битен дел од тоа опкружување како што е правниот систем и правниот поредок.
- Оспособување за соочување со сопствените слободи, права и обврски.
- Подигнување на правната свест и совест и осознавање на вредноста од познавање и почитување на правото и правните норми.
- Постигнување поведение / култура за почитување на правото во сопственото егзистирање и развој.
- Стекнување свест за сопствениот правен статус и правна (не) сигурност и оспособување за ангажирање за остварување на сопствените права.
- Изградба и одржување на сознание за припадност во заедницата, за потребата од лојалност спрема системот и за почитување на правата на другите луѓе во општеството.
- Освојување сознанија за општествените функции на правото.
Издвојувам две поттеми кои може да имаат битно важење во процесот на изучување на правната проблематика во средното образование.
Прво, проширен поглед за функциите на правото во општеството (најмногу поради фактот што тие најчесто неоправдано се сведуваат само на репресивното влијание).
Второ, сознанијата за средношколците кои се наоѓаат или во скоро стекнато полнолетство или непосредно пред да станат полнолетни.
Се очекува усвојување сознанија кои ќе ги имаат предвид пошироките општествени функции на правото:
- социјална функција (правото како општествена појава со длабоки корени во општествениот организам);
- регулативна функција (како основна функција во уредувањето на општествените односи и на заедничкиот живот на луѓето практично во сите области);
- функција на социјална контрола (влијание врз поединците, групите и нивните заедници и организации);
- интегративна функција (утврдување на заеднички вредности, заеднички интереси и нивно усогласување);
- организациска функција (поврзување на елементите во општеството во организирана функционална целина);
- репресивна функција (принуден карактер на правните норми и почитување кое се обезбедува со силата на државниот апарат);
- промотивна функција, насочувачки карактер и афирмација на вредности (водење кон нови решенија, поддршка на верувања, практики и однесувања).
Низ дневниот речник не е мал бројот на млади луѓе кои стекнувањето полнолетство (наполнети 18 години живот) го интерпретираат како станување „свој човек”, со очигледно препознавање само на некои права што се добиваат со полнолетството. Низ правното образование младите луѓе би биле аргументирано информирани и за обврските и одговорностите што ги добиваат кога ќе станат полнолетни (права во политички процеси, но и нивна одговорност, права на семејни односи со преземање обврски, права во економска сфера, но и сопствена одговорност, директна одговорност за сторени казнени дела и слично).
Логично е да се претпостави дека изучувањето на правни содржини во средното образование може да ги мотивира средношколците / матурантите да се определат да студираат правни науки, и по завршувањето да бидат дел / припадници на правната професија. Професијата треба да исполнува определени критериуми:
– мора да постојат посебни знаења и умеења, до кои се стигнува со долготрајно школување, најчесто на факултетско ниво;
– мора да постои законска регулатива и лиценцен систем, кој на лаиците и непрофесионалците им забранува да извршуваат конкретни работи (на пример, казнувањето на надрилекарството и на надриадвокатурата);
– мора да постојат професионални институции и кодекси на етиката, кои ја контролираат работата на професионалците, па стручно и социјално се грижат за професијата;
– мора да постои специфична професионална култура, со професионален жаргон, обичаи, ритуали, симболи.
Конечно и најважно, професионалецот мора да биде сосема автономен во својата работа т.е. економски, политички и институционално независен од своите клиенти и од лаиците.
Како придонес во елаборацијата додавам уште две теми. Првата, за некои аспекти на статусот на правната професија во земјата и втората, за придонесот на правните сознанија (правна свест и совест) во постигнувањето на граѓанска доблест, како вредност во секое демократско општество.
Во едно аналитичко согледување се констатира дека правото како професија е сѐ повеќе дефицитарно од аспект на квалитетен кадар којшто ќе може да одговори на брзото развивање на модерниот свет. По завршување на факултетско образование за правни науки, откако ќе се стекнат со квалитетни вештини и познавања од областа на правото, студентите ќе можат да работат на сите работни места кои ги нуди оваа професија: адвокати, судии, обвинители, нотари, извршители, правници во фирми, како и во државна и локална администрација и др.
Правната професија во земјава претрпе суштински реформи почнувајќи од образованието на идните правници со воведувањето на „Болоњскиот систем на студии“, основањето на Академијата за судии и јавни обвинители на РСМ, воведувањето на новите правнички професии (нотаријатот и извршителството), како и промена во начинот на полагање на правосудниот испит. Исто така, се основаа повеќе државни и приватни правни факултети кои воспоставија конкурентност во високото правно образование.
Покрај теоретското изучување на правото од посебна важност е и практичната настава која суштински влијае врз нивото на квалитет на целокупниот наставно-образовен процес, на која нашиот Правен факултет посветува особено внимание. Треба да се изучуваат и да се стекнат практичните правни вештини и техники во рамки на наставната програма на правните факултети на сите факултети во земјава. Правни вештини кои се најпотребни се, правното говорење, правната логика и аргументација, правното пишување, градењето на случаи, комуникацијата со странки и нагласено правна етика и професионалните вредности. (Според некои искажувања на адвокатите голем дел од штотуку дипломираните правници не се запознати, ниту, пак, се свесни за одредени принципи и вредности кои како адвокатски приправници мора да ги почитуваат).
Чувањето на професионална тајна, доверливоста, одговорноста, професионалната солидарност и колегијалност, заштитата на интересите на клиентот како врвен приоритет се само дел од вредностите кои младите правници мора да ги споделуваат и почитуваат.
Заклучокот е дека треба да се поттикне основањето на правни клиники во рамки на правните факултети во државата, која кај нас на факултетот неодамна започна со своите активности, каде што студентите под менторство на адвокат и професор ќе можат практично да го осознаат правото и да навлезат во спецификите на правничките професии. Од практична полза е и постоењето на кариерни центри (во рамки на универзитетите) кои преку соработка со Академијата за судии и јавни обвинители како и Адвокатската, Нотарската и Извршителската комора би спроведувале активности за професионално запознавање на студентите по право со предизвиците на одделните правнички професионални активности и обврски.
За непречено функционирање на демократскиот поредок од крупна важност е афирмацијата на граѓанската доблест. Граѓанската доблест се подразбира како збир на определени особини на човекот во јавниот живот кон која тежнеат сите возрасни припадници на политичката заедница. Доблеста се дефинира како смисла и подготвеност за дејствување и работа за општите потреби и добра, како верување во идеалите на човекот и решеност целосно и без здишки ним да им служи; за да се надминат тесноградите и личните интереси, да се ослободи или спротивстави на тесноградите интереси за некоја локална група или заедница, односно тоа е способност да се одбијат притисоците и да се каже не на секој парцијален, локален, теснограден интерес и барање. Доблеста подразбира и способност да се надмине конформизмот и решеност да се градат односи на доверба и заемност, а се трага по заедничкото во разликите, односно таа е подготвена за компромиси. Елемент на доблеста се и моралниот интегритет, личната независност, сигурност и непокорност, а особено личната храброст за своите добро промислени уверувања, секогаш и насекаде, независно од силата и моќта да манифестира цврста верба во вистината и увереноста дека за неа треба беспокорно да се бори за секој, секаде и во секое време. Таа е антипод на малодушноста, беспоговорноста, безрбетноста и слепата послушност. Разбирливо е дека солидно ниво на граѓанска доблест може да се постигне со широка образованост и висока етичност. Но, несомнено е дека клучно влијание би имало правното знаење и правната совест. И двете целини, всушност, може да бидат иницирани, па и овозможени со изучување на правните категории во текот на средното образование.
Билјана Тодорова, вонреден професор по социјално право
Правен факултет, Универзитет „Гоце Делчев’ – Штип