Search
|     contact@ugd.edu.mk

Промовирани вредни публикации на Правниот факултет – во фокусот миграциите на младите и Македонија – непланираното дете на Европа

На Правниот факултет во Штип беа промовирани две нови книги...
Споделете

На Правниот факултет во Штип беа промовирани две нови книги – „Млади, миграции и образование“ од авторите Страшко Стојановски, Ана Панева и Кристијан Панев, како и публикацијата „Непланираното дете на Европа – Македонија како дел од Источното прашање во 19 век и евроатлантските интеграции во 21 век“, од авторите Дејан Маролов и Јорданка Галева.

Станува збор за книги кои имаат свое значење како за студентите и академската заедница, така и за пошироката јавност.

Рецензент на книгата посветена на миграциите на младите, како едно од болните прашања на Македонија веќе повеќе од триесет години, е проф. д-р Кирил Барбареев, кој истакна дека станува збор за многу сериозна научна публикација, која е работена лонгитудинално, и започнува од 2014 г., па до 2023 година, а тема се всушност младите, миграцијата и образованието.

„Еден од најголемите проблеми на државата во овие триесетина години – заминувањето на младите, одливот на мозоци, е обработен од повеќе аспекти. Од аспект на мотивацијата на младите, како го перципираат ова општество и како го перципираат образованието и зошто тие би останале или заминале. На тој начин, всушност, тие го отвораат сомнежот, бидејќи анализите тоа го покажуваат и авторите го поставуваат прашањето дали младите веруваат во капацитативноста на ова општество, на оваа држава да направи пристоен, квалитетен живот за луѓето кои одлучиле да останат и да живеат овде. Внатре има многу интересни анализи и многу охрабрувачки резултати и за локалните самоуправи, и за креаторите на образовните политики, бидејќи одредени концепти коишто во изминатите дваесетина години се направени во нашата држава, како што е децентрализацијата, дисперзираниот концепт на образование, се многу позитивни елементи. Можеби е момент на преосмислување на дисперзираниот концепт, затоа што анализите покажуваат дека 60 % од младите би останале во сопствената локална средина или во блиската локална средина, ако имаат квалитетен концепт на образование и ако имаат квалитетни елементи за продолжување по образованието во некаков пазар на труд или во она што претставува граѓанско општество“, рече професорот Барбареев.

Проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска, рецензент на публикацијата „Непланираното дете на Европа – Македонија како дел од Источното прашање во 19 век и евроатлантските интеграции во 21 век“ смета дека тоа е прекрасен склоп на идеи, на премрежја, современи политички дебати со корени длабоко во минатото, значи од 18 и 19 век па сѐ до ден-денес.

„Практично авторите во книгата се обидуваат на еден начин токму да го опишат македонското самобитие или создавањето на таа македонска држава, развивање на таа македонска национална свест, култура, традиција, едноставно да ги постават конститутивните елементи на македонската држава и кое место тие го заземале низ тие геополитички констелации во историјата. Анализирани се серија документи на меѓународни договори, одредби од меѓународни конвенции кои го засегаат токму она прашање кое го истражуваат. Прикажани се на концизен начин, во нив се содржани многу информации кои можеби досега беа распрскани на повеќе страни, така што читателот, не само студентите, и академската средина, заедница, имаат можност одблиску да се запознаат кои се карактеристиките на Македонија, на создавање на оваа македонска држава и борба за државност во геополитичките констелации низ годините“, потенцираше проф. д-р Никодиновска.

Потребни се сериозни мерки кои подразбираат заедничка соработка и работа, вкрстување на податоците на сите кои истражуваат на темата миграции, високото образование, како и институциите во државата кои се надлежни за оваа тема“, смета проф. д-р Страшко Стојановски. Тој повторно потенцираше дека една од работите кои имаат клучно значење за подобрување на состојбите во поглед на миграциите на младите е суштинската децентрализација. „Препораките од публикацијата се поврзани со две национални стратегии – едната е Националната стратегијата за млади, а втората Националната стратегија за високо образование.  Дефинитивно првин треба да дојдеме до кредибилни податоци за бројот на иселени и динамиката и карактерот на иселување. Ние немаме релевантни податоци, се обидуваме преку ваквите истражување барем да го проблематизираме прашањето кое е акутно, секогаш актуелно. Препорачавме да се направи мапирање на миграциите, да се види во кој регион, до кој степен се иселуваат, која категорија на население се иселува, во кои региони на светот се иселуваат, со кои компетенции таму се стекнуваат и кои се изгледите тие повторно да се вратат назад во државата. Нужно е да се направи суштинска децентрализација, општините мора да зајакнат, затоа што тие се есенцијалниот фактор кој контактира со граѓаните. Кај нив се адресираат примарните проблеми, тие треба да ги нудат решенијата и оттука ние мора да зборуваме за суштинска децентрализација. Не само на ингеренциите, туку и суштинска фискална децентрализација. Примерот со ДДВ го кажувам секогаш, минорни се овие 6 %, треба да почне од 20 %, па и многу повеќе. Таа дисперзија треба да се однесува и на другите ресурси, треба да се актуализираат и отворат прашања кои се табу кај нас можеби, а тоа е да се отвори првин дебата и да се размислува дури и на институциите на централната власт. Зошто министерствата да не бидат и во градовите низ Македонија, нешто што е пракса во европските држави“. 

Професорот Стојановски изјави и дека се намалува перцепцијата за иселување, но сѐ уште сме над регионалниот просек, на ниво на Југоисточна Европа. Беше 78 %, сега околу 56 %, има тенденција на намалување, меѓутоа 56 % воопшто не е малку, и треба да се работи сериозно, младите мора да се вклучат во процесот на донесување одлуки, особено на локално ниво.  Ова не само за прашања кои ги тангираат младите, туку за сите прашање – урбанизам, стратегии, инфраструктура, за се младите треба да бидат прашани.