Search
|     contact@ugd.edu.mk

Проекција на филмот „Конференцијата во Ванзе“ по повод 81 година од Депортацијата на Евреите од Македонија

Споделете

Во рамките на одбележувањето на 81 година од депортацијата на Евреите од Македонија, во вторник (30 јануари) во Штип ќе биде одржана проекција на филмот „Конференцијата во Ванзе“. Проекцијата ќе се одржи во Киноверзум Штип, во Мултимедијалниот центар „Киро Глигоров“ со почеток во 13 часот. Настанот се поклопува и со Меѓународниот ден на сеќавање на жртвите од холокаустот на 27 јануари и годишнината од Конференцијата во Ванзе од 20 јануари 1942 година. Во организацијата на овој настан се вклучени Фондацијата „Конрад Аденауер“, Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, Општината Штип и Универзитетот „Гоце Делчев“.

Оваа година се навршуваат 81 година од депортацијата на Евреите од Македонија во центарот за убивање Треблинка во окупирана Полска и 80 години од возобновувањето на Еврејската заедница од Македонија по холокаустот. Евреите од Македонија, како и Евреите ширум Европа беа жртви на таканареченото конечно решение на еврејското прашање во неговата најгруба форма.

Филмот ја прикажува средбата на водечките претставници на нацистичкиот режим од СС, Канцеларијата на Рајхот, министерствата, полицијата и администрацијата утрото на 20 јануари 1942 година во вила на езерото Ванзе во близина на Берлин. Состанокот на кој Рајнхарт Хајдрих, шеф на главната канцеларија за безбедност на Рајхот, безбедносната полиција и СД, го покани како „состанок проследен со појадок“, подоцна ќе биде означен во историјата како „Конференцијата во Ванзе“. Единствената тема на агендата тоа утро беше она што нацистите го нарекоа „Конечно решение на еврејското прашање“: организација на систематско масовно убиство на милиони Евреи низ Европа. Филмот му дава на гледачот увид во шокантната „нормалност“ што се прикажува за време на состанокот додека се разговара за процедурите, организацијата и координацијата, како и за одговорностите за убиството на милиони луѓе како да е тоа секојдневен административен акт.

Филмот е заснован на оригиналниот записник од Конференцијата во Ванзе, снимен од Адолф Ајхман, кој се смета за клучен документ за истребувањето на Евреите и холокаустот. Сепак, овие записници не се стенографски, туку претставуваат записници за текот и заклучоците од состанокот.

Официјални обраќања ќе имаат г. Даниел Браун, официјален претставник на Фондацијата „Конрад Аденауер“ во Северна Македонија, г. Горан Садикаријо, извршен директор на Фондот на холокаустот на Евреите од Македонија, г. Иван Јорданов, градоначалник на општина Штип и проф. д-р Мишко Џидров, проректор за настава на Универзитетот „Гоце Делчев” во Штип.