По минатонеделната драматична победа против ОК Струмица со 3:2, одбојкарите на ОК Штип УГД денес (понеделник) во 17:30 часот ќе се соочат со тимот на Работнички во нов предизвик во првенството.
Техничарот на тимот, Давид Стојанов, кој е и репрезентативец на Македонија, истакна дека победата во Струмица не била случајна и дека е резултат на напорната работа и посветеноста на тимот. „Покажавме карактер и борбеност за секоја топка, а тоа ни ја донесе победата. Очекуваме уште еден возбудлив натпревар против Работнички и веруваме дека можеме повторно да ги израдуваме нашите навивачи“, изјави Стојанов.
Од клубот упатија повик до публиката да даде поддршка на тимот во денешниот натпревар, нагласувајќи дека атмосферата во салата ќе биде клучна за уште еден позитивен резултат.
ОК Штип УГД оваа сезона има високи амбиции – одбрана на пехарот во купот и освојување на првенството, а дуелот со Работнички ќе биде уште еден тест за нивните можности.