Факултетот за туризам и бизнис логистика ја продолжи традицијата на организирање Божиќна гастрономска изложба, годинава под мотото „Храната – симболика на Божиќната приказна“. Настанот беше организиран во соработка со СУГС „Лазар Танев“ во Скопје, во два дела – првиот со дебата за гастрономијата, а вториот со изложба, подготовка и презентација на храна.
Деканката на ФТБЛ, проф. д-р Татјана Бошков изјави дека за ваквите настани е важна соработката и поддршката која ја има од Министерството за образование, од СУГС „Лазар Танев“, како и од учесниците на дебатата, а значењето е големо и за студентите и учениците.
– Сето ова го правиме не само за нас, како едукатори, како институција, туку и за исполнувањето на нашата мисија, во овој случај мислам на студентите, учениците, бидејќи образованието треба да е секогаш во чекор со оние промени кои ги носи економијата и општеството. Кога велам промените мислам на сите оние промени кои ги носи туристичката индустрија, бидејќи туризмот, барем сега уште повеќе сметам и се надевам, ќе биде ставен на пиедестал како клучен елемент и сегмент во економијата – рече проф. д-р Бошков.
Директорот на СУГС „Лазар Танев“, Небојша Вуковиќ исто така изрази задоволство од соработката и местото кое го има ФТБЛ во соработката со училиштето, за кое има дадено придонес кој е круцијален.
– Училиштето во соработката со Факултетот за туризам и бизнис логистика не само што доби на квалитет, туку доби и глас во јавноста како вистинска установа која работи во образованието. Се надевам дека денешната конференција ќе даде иницијатива барем кај младите да размислуваат за тоа што навистина значат Божиќ и Бадник и сите оние празници кои се врзани од почетокот на постите, па сѐ до Бадниковата вечера и следниот ден, Божиќ – изјави Вуковиќ
Првата панел-сесија беше на тема „Гастрономијата низ призмата на македонската национална кујна и обичаите“, каде што беа споделени мислења за божиќната храна, но и за постот како дел од традицијата и обичаите кај нас. Втората панел-сесија, всушност, беше Божиќна гастрономска изложба.