Во просториите на НУ Завод и Музеј – Штип, во среда 23 ноември 2023 година, се одржа Ликовна работилница на студентите од Ликовната академија под раководство на вон. проф. д-р Слободан Милошески.
При оваа посета студентите имаа невообичаено визуелно доживување и можност одблизу да се запознаат со оригинални експонати од етнолошката збирка со која располага Музејот. Во рамките на Ликовната работилница, а во согласност со сопствените интереси и инспирации, студентите изработуваа цртежи и скици од делови или фрагменти од оваа многу интересна поставка. Овие нивни нови дела од мал формат би можеле во иднина да бидат подложени на доосмислување, доработка и да служат како појдовна точка за нови истражувања и ликовни циклуси, кои тематски ќе бидат поврзани со убавините на нашето културно наследство.