Наставата по пијано во западниот систем на изучување на класичната музика во високото образование се одвива еден на еден и вклучува изучување на техничките и интерпретативните аспекти на музичкото дело. Во современата методска работа како новитет се вклучува и истражувачката интерпретација на ученикот.
Овој специфичен метод за учење на музичка интерпретација се фокусира пред сѐ на студентите со цел да постигнат високо ниво на автономија, под влијание на три клучни аспекти на наставата по пијано:
- разбирањата на студентот и наставникот за тоа што претставува музичко толкување на една композиција,
- личното искуство на студентот за слобода на толкување кое задолжително мора да има поддршка од страна на наставникот и
- очекувањата од истражувачкиот пристап на ученикот при изведбата на делото
Сите овие аспекти треба јасно да се вербализираат за да го поддржат развојот на студентите по пијано и нивната независност.
Музичката интерпретација е добро истражен феномен од перспектива на уметникот – изведувач (на пр. Дејвидсон, 1991; Јуландер, 1997; Ландгрен, 1997; Сковронек, 2007; Сундин, 1982 година; Веман Ериксон, 2008 година; Östersjö, 2008). Но, самостојната истражувачка интерпретација е релативно нов начин кој започна да се применува во учењето на музичката интерпретација во високото музичко образование. Во процесот на учење, сценската изведба е задолжителен интегриран аспект, кој значајно придонесува за оформувањето на пијанистот. Формирањето на музичка интерпретација не завршува каде што започнува неговата изведба. Напротив, изведбата придонесува за градење на интерпретациските можности кај студентот.
Терминот музичка интерпретација се однесува на разбирање на едно музичко дело. Разбирањето најчесто се манифестира, но не се ограничува на музичка изведба. Редовно се вели дека музичките дела преку изведбата добиваат живот (сп. Brendel, 2012/2013, стр. 75). Нотираното музичко дело содржи експлицитни упатства на композиторот упатени кон изведувачот. Музичката интерпретација е процес на избор и примена на избори за изведба на композиција. Овој избор може да биде „повеќе или помалку мотивиран и кохерентен и да се примени и на микро и на макро ниво. Бидејќи музичката партитура не ги одредува изведбите, изведувачот неизбежно мора да донесе безброј одлуки за тоа како делото треба да се свири. Овие одлуки обично се засноваат на стилови, практики и личен вкус. Добиените, често суптилни, нијанси се суштински во музичката интерпретација. Често пати во нотацијата недостасува опис или пак се работи за можности на повеќе нијанси на изведба. Тогаш советите и знаењето за интерпретација се пренесува усно со демонстрација и имитација. Така, минатите и сегашните наставници на учениците директно влијаат на нивните стратегии за музичка интерпретација (Хултберг, 2008, стр. 12).
Да се развие способноста на учениците да формираат свои музички интерпретации е една од сеопфатните цели и најголеми предизвици за високото музичко образование во западната класична музичка традиција (Силверман, 2008, стр. 249). Високото музичко образование е истовремено формално структурирано образование и образование што наликува на модел за школување професор – студент. Во овој модел, имитирањето, често без вербална инструкција, е вообичаен начин на учење, бидејќи професорот ги отелотворува вештините што ги студентот треба да стекне. Ризикот во овој начин на учење е дека најталентираните ученици може многу успешно да се вклучат во имитирање на наставникот, наместо да развиваат чувство на одговорност за сопственото учење. Тогаш стануваат зависни од професорот и пијанистичкиот развој останува површински. Развојот на техниката на свирење и толкувањето на интерпретацијата се два различни сегменти, кои е потребно паралелно да се изучуваат. Секој студент треба темелно да се запознае со музиката уште пред да почне да ја изучува и научените вештини да знае да ги примени и во друг контекст во друга композиција од иста категорија или жанр. Често пати наставникот формулира разбирливи правила и принципи на изведбата, кои студентот лесно ги следи. Но потребно е системско ангажирање на студентот за да може независно да донесува одлуки како ќе го изведе делото. Кога во предавањето е спроведен т.н. „наредбен“ стил, тогаш најчесто приоритетот на работа се однесува на техничкиот дел на учење на композицијата. Оформувањето на музичката интерпретација кај студентот носи многу посложени цели. Потребен е дијалог меѓу професорот и студентот за донесување музичка рамка за стилот на композицијата, експресивноста, музичката мисла, колоритот, динамичката структура, артикулацијата и личните емоции кон музиката кои донесуваат високо ниво на интерпретација.
За музичката интерпретација секогаш се можни нови толкувања. Во различни услови и опкружувања, како и човечки состојби, истото дело може да прозвучи на различни начини. Тоа ја прави музиката величествена, бесконечна и бесмртна. Новите методи на работа на интерпретацијата на музичкото дело во високото образование вклучуваат длабок пристап не само кон унапредување на техничкиот и музичкиот аспект на изведбата, туку и кон градење на личен став на музичко толкување. На тој начин студентите постепено израснуваат во самостојни музичари, кои во изведбата на композицијата даваат и личен печат. На Катедрата по пијано на Музичката академија при УГД – Штип активно се работат и применуваат новите методи на изучување на пијанистичка интерпретација, со што Музичката академија е на рамниште со светските музички факултети.
Пишува: Проф. д-р Емилија Потевска-Попивода
Шеф на Катедра по пијано, Вокално-инструментален оддел
Музичка академија, УГД – Штип