Пишува: проф. д-р Ангеле Михајловски – професор на Музичка академија на УГД
Постојат многу истражувања кои научно ги истакнуваат придобивките од свирењето на некој музички инструмент. Уште многу одамна кинескиот филозоф Конфучије кажал: „Музиката создава редок вид на задоволство, без кое човековата природа не би можела да функционира нормално“. Свирењето на музички инструмент покрај тоа што прави да се чувствуваме убаво за себе и за оние кои се во нашата околина, исто така создава интензивни мултисензорни способности, процес кој вообичаено започнува на рана возраст и го следи музичарот во текот на целиот живот.
Поттикнување на социјализација и тимски вештини
Свирењето на инструмент може да биде одличен начин да го подобрите вашиот социјален статус. Тоа најдобро го доживуваат оние кои свират во/со поголеми оркестри, бендови или пеат во некој хор. Пријателите кои се создаваат при споделувањето или создавањето музика се доживуваат како еден вид на семејство, а искуствата од заедничките настапи и концертни доживувања остануваат врежани во сеќавањата до крајот на животот. Од друга страна, тимските вештини се исто така важна карактеристика за да се биде успешен во животот. Свирењето инструмент бара од вас да работите и соработувате со останатите колеги при создавањето на музика, каде што секој изведувач мора да научи како да ги слуша и почитува останатите колеги од оркестарот.
Свирењето на инструмент ве учи на дисциплина
За секој почетник свирењето на инструмент претставува голем предизвик. Фактор кој е пресуден за постигнување на успех кај музичарот е дисциплината. Континуираното вежбање и работа на совладувањето изведувачките перформанси во композицијата се плод на дисциплината. Најдобрите музичари во светот се мајстори за дисциплина и поради тој факт се толку успешни во владеењето на нивниот инструмент.
Ја зголемува вашата одговорност
Свирењето на инструмент си носи свои обврски. Секој инструмент при свирењето претрпува помала или поголема амортизација, па затоа негата и грижата се многу важни за одржување на инструментот во работна состојба. За разлика од електронските алатки и инструменти кои денес сите ги користиме, чија вредност опаѓа пропорционално со нивната експлоатација, кај класичните музичките инструменти е обратно, нивната вредност расте соодветно со нивната старост и правилното одржување од страна на сопственикот.
Ја подобрува вашата математичка способност
Свирењето на музички инструмент и воопшто музиката многу често е во корелација со природните науки како што се медицината, математиката, архитектурата. Толкувањето на музиката и свирењето во себе вклучуваат броење на тактови, метричко-ритмички специфичности кои се блиски математичките вештини. Воопшто учењето музичка теорија вклучува многу математички аспекти. Голем број истражувања докажале дека учениците и студентите кои свират некој инструмент или се занимаваат со уметност често се подобри во математика и постигнуваат подобри резултати од оние кои немале допирна точка со музика.
Го зголемува капацитетот на нашата меморија
Според некои истражувања, свирењето музички инструмент, како и слушањето музика, во голема мера ја стимулира работата на мозокот и може да го зголеми капацитетот на нашата меморија. Во еден експеримент, 22 деца на возраст од 3 и 4 години изучувале некој музички инструмент, додека друга група од 15 деца воопшто немале часови по музика. Подоцна и на двете групи им биле зададени исти предучилишни активности, а резултатите покажале дека децата од предучилишна возраст кои имале еднаш неделно час по пијано, ги подобриле нивните просторно-временски вештини за дури 34% повеќе за разлика од другите деца. Најважно од сѐ е тоа што овие резултати не биле моментални, туку ефектите кај децата биле долгорочни. Редовното свирење инструмент, на долг рок, со сигурност ги менува формата и капацитетот на мозокот кај човекот и стимулира во подобрувањето на когнитивните вештини.
Помага во намалувањето на стравот од јавен настап и продуцира среќа за вас и за публиката
Крајната цел од вежбањето на некој инструмент е интерпретацијата и настапот пред публика. Колку почесто застанувате на сцена, толку повеќе се намалува стравот од јавен настап. Се разбира, пеењето во хор, свирењето на сцена во бенд или поголем оркестар е поедноставно отколку солистичкиот настап во кој целосната одговорност е сконцентрирана на една личност, но и во двата случаи аплаузот од задоволната публика е најголема мотивација да се излезе на сцена и да се покаже најдоброто од себе. Сепак, сонот на секој уметник е неговото дело да биде видено од поширокиот аудиториум. Секој уметник инвестира во себе за производот од неговата работа да биде промовиран пред јавноста.
Viva la Musica!!