На 13 јини 2024 година Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитет „Гоце Делчев” – Штип по 15. пат ја одржа јубилејната и самостојна традиционална и меѓународна „Туристичко-гастрономска изложба на алтернативни форми за развој на туризмот” во Хотелот „Аполонија“ – спонзор домаќин, со огромна поддршка на генералната менаџерка г-ѓа Зорица Маркова.
Изложбата ја отвори деканката на Факултет за туризам и бизнис логистика, проф. д-р Татјана Бошков, која ја нагласи важноста од организација на ваквите манифестации за креирање на туристичко-гастрономската понуда на Гевгелија и Македонија воопшто, преку активно вклучување на студентите, вклучувањето на повеќе од 30 угостителски ентитети од Гевгелија и Југоисточниот регион и надвор од границите на Македонија, бидејќи гастрономијата сама по себе обезбедува пат за поврзување – со луѓето, со наследството и со местата.
Во рамките на гастрономската изложба обраќања имаа продеканката за настава, проф. д-р Наташа Митева, раководителката на Катедрата за туризам, доц. д-р Душица Попова, претходниот декан на ФТБЛ, проф. д-р Никола В. Димитров, магистранд и член на Наставно-научниот совет на ФТБЛ, г-ѓа Ружица Николова, заменик-градоначалник на Гевгелија, г. Сашко Стојилковски и директорот на ЦРЈПР, г. Ѓоко Камчев.
Во рамките на изложбата за првпат се приклучија 25 хотелско-угостителски ентитети и винарии од Југоисточниот регион, Македонија и Србија со храна и вина. Меѓу гостите беа и учениците од средното училиште кои од страна на продеканот проф. д-р Митева беа запознати со активностите и програмите на ФТБЛ. Традиционално изложбата се отвори со настапите на Ансамбл „Бојмија” и Танцовото студио „Мистик”.
За првпат овој настан, освен со етноизложба од ОУ „Владо Кантарџиев“, беше збогатен со изложба на етнослики од Универзитетскиот ансамбл „Македонија“, како резултат од бројни проекти под водство на проф. д-р Владимир Јаневски.
Деканката додели благодарници на сите заслужни учесници за организирање на овој настан кои заеднички придонесоа да се презентира традиционална храна подготвена на модерен начин, бизнис-идеја за развој на културниот туризам или друг вид туризам, презентација на стари предмети, традиционални носии од регионот, со цел поттикнување на развојот на специфичните форми за развој на туризмот во нашата земја.