Search
|     contact@ugd.edu.mk

17 години УГД – студентите најсилна мотивација и пред полнолетството на Универзитетот

Споделете
Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип со Свечена академија го одбележа својот ден – 27 март и 17 години од своето постоење.
Во присуство на гости од други универзитети, претставници на јавниот и политички живот, но пред сѐ на студентите, на кои се темели сѐ што работи УГД, како и на вработените, ректорот на УГД проф. д-р Дејан Мираковски рече дека со гордост можеме да зборуваме за поставеноста на нашиот Универзитет во рамки на државата и регионот, фокус е креирањето прифатливи и солидни услови за студирање на нашите студенти, а значајна цел на Универзитетот „Гоце Делчев“ како силна алка на македонскиот образовен систем е и зајакнување на капацитетите и можностите на приватниот сектор, преку создавање квалитетен кадар кој би излегол на пазарот на трудот.
Како ректор на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ве поздравувам од мое лично име и од името на вработените и студентите на нашиот Универзитет. Ми претставува особена чест што сте дел од Свечената академија по повод седумнаесетте години УГД. Југоисточниот дел на Македонија веќе седумнаесет години е центар на современото високо образование. Центар во кој се вкрстуваат точките на квалитетната и применета едукација, сериозни научни потфати и современи пристапи. Овој пат, кон денес веќе успешен млад Универзитет, не беше лесен. Истиот подразбираше многу труд, пожртвуваност, но и верба дека само со упорност и одговорна работа, поставената цел може да се достигне. Вложен е сериозен човечки потенцијал, умствен и физички напор, надополнети со чувство на гордост, дека се гради и создава значајна вредност, како за регионот, така и за државата во целина. Денес им должиме благодарност и достојна почит на сите претходни раководства, на професорскиот, административниот и техничкиот кадар за нивната пожртвуваност и желба УГД да стане ad exemplum (пример) за сериозна и посветена високообразовна институција. Особено сме горди на сите наши поранешни и сегашни студенти кои својот академски пат го започнале и завршиле на нашиот Универзитет. Дел од нив денес се наши колеги, а дел пак на достоинствен начин ја пренесуваат приказната за УГД преку нивните успеси, како дома, така и во странство. Нашиот примарен фокус е креирањето прифатливи и солидни услови за студирање на нашите студенти, но и отворање канали за комуникација со голем број светски универзитети на кои студентите би заминале во рамки на најразличните програми за размена. Со тоа сакаме да им го отвориме и покажеме патот на младите луѓе, движечката сила за иднината на нашата земја, за спознавање нови светови и стекнување подлабоки знаења и животни искуства. Преку широко разгранетата мрежа од над 400 соработки со универзитети од Европа и од светот, Универзитетот „Гоце Делчев“ станува платформа за студентите кон светот на знаењето и науката. Таквата поставеност како индивидуална и колективна карактеристика, потоа лесно се препознава како вредност, особено од студентите коишто се и остануваат да бидат нашиот врвен приоритет. Ние сме моделот на кој тие се огледуваат, кому му веруваат и од кој учат. Затоа, да се обидеме да бидеме пример кој е достоен да се следи и заедно и со успех, следната година да го прославиме и полнолетството на Универзитетот „Гоце Делчев“изјави ректорот проф. д-р Мираковски на Свечената академија.
Како претставник на студентите се обрати Сара Денкова, претседателка на Универзитетско студентско собрание.
Упатувам порака до младите и до професорите на УГД, денес стојам пред вас со иста цел како и минатата година, со желба да го пренесам гласот на младите во однос на високото образование, да ги инспирирам и поттикнам младите на нивниот образовен пат, кој иако неретко е и тежок, сепак е највреден за нивната иднина. Високото образование го нуди токму тоа – иднина за студентите, но и за општеството во целина. Животот во текот на образовниот процес ќе нѐ научи да делуваме храбро, да созреваме, да пронајдеме начини за да направиме значителни промени во светот во којшто живееме. „Вчера бев паметен, затоа сакав да го менувам светот. Денес сум мудар, затоа се менувам себеси“, вели Шри Чин Мој. Со овој цитат би сакала да ви упатам една порака. На почетокот на високото образование, во нашата младост и ентузијазам секогаш имаме големи желби и идеи кои сакаме да ги преточиме во големи дела. Високото образование ни помага овие неоформени идеи и желби да добијат јасна форма. Нѐ учи како да правиме планови кои ќе ги остваруваме, нѐ опремува со потребното знаење, ни создава мрежа од пријателства и познанства, а водено ни покажува дека за да успееме е потребно да го развиеме својот карактер со вредности како што се посветеност, доследност и истрајност. Нашите професори нѐ учат да бидеме промената која сакаме да ја видиме утре. Во светот во кој живееме, нам, младите, навистина ни се потребни вакви двигатели на мислата и делата, кои од нас создаваат мислечки и зрели личности, какви што треба да бидеме. Мојот образовен процес, цело едно поглавје започна и ќе заврши овде, на нашиот универзитет, именуван по еден од нашите најголеми учители. УГД ми ги отвори вратите на знаењето, ми го направи процесот на студирање едноставен и лесно пристапен, ми понуди двонасочна комуникација и високо ниво на дигитализација која за нас младите е императив. Мојот образовен процес започна и ќе заврши овде затоа што универзитетот ми понуди безброј можности.   Да бираме мудро, да делуваме храбро. Токму така како што секојдневно нѐ учите рече Сара Денкова.
Со пофалници и вредносни ваучери од 10.000 денари беа наградени 18-те студенти со највисок просек за академската 2023/2024 година, а благодарници им беа доделени на универзитети, институции и компании со кои УГД остварува одлична соработка. Во рамките на одбележувањето на 27 март, студенти од Факултетот за медицински науки на неколку локации во Штип вршеа бесплатно мерење на шеќер во крвта и крвен притисок на граѓаните. Одбележувањето на Патрониот празник на УГД ќе продолжи и во четврток, 28 март, кога во 11 часот во Ректоратот на УГД ќе бидат доделени дипломите на докторите на науки, а во 19 часот во Мултимедијалниот центар на УГД ќе се одржи седмото издание на Ораторските вечери.