Проректорот за настава и студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“, проф. д-р Мишко Џидров, присуствуваше на настан по повод значајната 30-годишнина од Програмата за институционална евалуација (IEP) на Европската универзитетска асоцијација (EUA), што се одржа во Брисел.
„Овој јубилеј е особено значаен не само за мене како член на панелот на евалуациски експерти на IEP, туку и за високото образование во Македонија“, изјави проректорот.
Во текот на три децении, IEP претставува значаен столб за унапредување на стратешкото лидерство и капацитетите за управување со промени во високото образование во Европа. Програмата за институционална евалуација е започната во 1993 година и го поддржува квалитетот на високото образование преку иницијативи за самоевалуации.
Со повеќе од 456 спроведени евалуации, IEP се утврди како доверлива и независна агенција за обезбедување на квалитет, а позната е по своите ригорозни надворешни проверки кои гарантираат отчетност и праведност во високото образование.
„И по 30 години IEP продолжува да игра значајна улога во зајакнувањето на институционалната автономија и поттикнувањето на квалитетот во високото образование низ Европа. Ова е од витално значење за помагање на универзитетите да се адаптираат и напредуваат во променливиот академски пејзаж“, додаде проректорот.
Универзитетот „Гоце Делчев“ двапати беше евалуиран токму од EUA IEP, а моментално проректорот Џидров е надворешен евалуатор вклучен во евалуацијата на Карловиот универзитет во Прага.