Од 16 до 18 октомври 2024 г., делегација на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, предводена од ректорот проф. д-р Дејан Мираковски оствари посета на Каринтскиот универзитет за применети науки во Вилак, Австрија, каде што во склоп на програмата за Меѓународни денови се одржаа серија на состаноци и промотивни активности поврзани со Европската универзитетска алијанса ACE²-EU, во која членува и Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
На настаните присуствуваа сите 9 партнер-универзитети од Алијансата претставени од ректорите, претседателите и проректорите, како и од лидерите на работните пакети во рамките на Алијансата. За време на овие состаноци се дискутираа прашања поврзани со тековните подготовки за почеток на проектните активности од Алијансата, како и за планираните наставно-образовни и научноистражувачки активности кои ќе следат во следниот период.
Алијансата има за цел да развие меѓусебна долгорочна институционална структурна и стратешка соработка помеѓу деветте партнерски универзитети, заснована на заеднички вредности и принципи, чија крајна цел e да се постигне одржливост во меѓусебната соработка. Оваа Алијанса работи на остварување потесна соработка помеѓу универзитети дел од Алијансата, преку размена на знаење и искуства, заеднички истражувања и иновации, остварување на мобилности на сите нивоа, создавање и промовирање на заеднички студиски програми и други активности од делокругот на соработката, коишто се ориентирани кон остварување на извонредност на Универзитетот во делот на науката и образованието, но и поврзување на истиот со општествената заедница во насока на остварување на третата мисија на Универзитетот.