Заложбата за градење на стручен и квалификуван високообразован кадар произлезе од бројните консултации со приватниот сектор за потребата од кадар кој поседува практични знаења и вештини кои овозможуваат брзо приспособување и интегрирање кон работната средина.
Во насока на доближување на идниот човечки потенцијал со работодавачите беа иницирани активностите „Денови на отворена врата“, како еден од приоритетите на Советот за унапредување на високото образование и стратешките истражувања, преку кои се поврзуваат работодавците, факултетите и студентите за подобро запознавање на студентите со перспективите во одредена компанија или сектор, како иден стручен кадар на пазарот на труд. Во рамки на активноста „Денови на отворена врата“ продолжува циклусот настани „Студентите учат од бизнисот“ кои Стопанската комора на Северна Македонија ги реализира во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, а вклучуваат организирање на мастер-клас предавања од еминентни менаџери и сопственици на компании на одредена теми од областа на лидерство и комуникација, како и студиски посети на компании каде што студентите имаат можност од прва рака да се запознаат со функционирањето на една компанија, можностите за раст и развој, како и со технолошките капацитети на истата.
Домаќин на денешниот настан беше компанијата „Џонсон Мети“ ДООЕЛ Скопје, производство на катализатори за автомобилската индустрија и системи на катализатори за контрола на загадувањето. Студентите претставници од техничките факултети при УГД имаа можност да се запознаат со еден од најголемите работодавачи во земјава, која воедно е и компанија која со своите извозни активности генерира околу 16 проценти од БДП на Македонија.
Студентите се запознаа и со работните процеси, стандардите и напредната технологија и автоматизација која се применува во еден современ капацитет, каков што е фабриката во ТИРЗ Скопје, кои гарантираат производство на компоненти кои имаат висока додадена вредност, а кои понатаму се вградуваат во автомобилите. Едно од три возила во Европа има дел кој е произведен токму во оваа фабрика, односно секој трет автомобил во Европа има печат „Made in Macedonia“.
Компанијата „Џонсон Мети“ ја препознава важноста за соработка со образовните институции и како работодавач веќе е вклучена во профилирање на професионален кадар и дава поддршка на активностите на Комората за поттикнување на квалитетно високо образование по мерка на бизнисот. Од неодамна „Џонсон Мети“ повторно се закити со наградата „Работодавач на годината“, како најпосакуван странски работодавач во Македонија. „Џонсон Мети“ е активна членка на Стопанската комора на Северна Македонија и на Советот на странски инвеститори.
Комората преку активностите на Советот за унапредување на високото образование и стратешките истражувања и Советот за унапредување на квалитетот на тренингот и обуката продолжува со консултации со засегнатите страни во врска со иницираната потреба за системско уредување на практичната настава во високото образование, која ќе даде дополнителен квалитет во стекнувањето на знаења и вештини кај високообразовните кадри и ќе го забрза процесот на нивно интегрирање кај работодавците. Дополнително во соработка со Универзитетот „Гоце Делчев“ во следниот период ќе се организира и „Отворен и кариерен ден на УГД“, на кој преку учеството на претставници од реалниот сектор и презентација на нивните компании и можностите за вработување и реализација на практична обука пред студентите ќе се промовираат можностите кариерен развој.