Search
|     contact@ugd.edu.mk

DIgiU: УГД е пример кој треба да се следи во насока на дигитализација на високото образование

Споделете

УГД денес потпиша документ со заложби со две организации кои се залагаат за поголема дигитализација на високото образование. Станува збор за платформата DigiU, која изминатиот период иницираше низа дебати во високообразовните институции во Македонија, со цел да се забрза процесот на дигитализација на високото образование.

Денес потпишавме документ со заложби со цел да придонесеме за поголема и побрза дигитализација во високото образование. Нашата стратешка цел и целта на организациите зад платформата DigiU се поклопуваат и сфаќаме дека на УГД е направено доволно, но мора да размислуваме и за иднината. Нашата визија е преточена во еден документ кој го потпишуваме денес, а овој документ опфаќа стратешка заложба за организирање на различни активности во рамките на УГД, како што се различни обуки, збогатување на дигитални вештини, како и споделување на нашето искуство во однос на дигитализацијата“, истакна проректорот на УГД, проф. д-р Мишко Џидров.

Во рамките на дебатата, која денес се одржа на УГД во Штип, беше истакнато дека политичарите на локално и централно ниво мора да најдат волја да имплементираат дигитализација во законите и владеењето со цел побрза трансформација.

Успеавме заеднички да ја наметнеме темата во јавноста и кај државните и јавните институции. Во собранието се иницираше промена на закони. Само со заедничка битка можеме да поттикнеме нешто. Во Македонија многу се зборува за гола политика, а малку се прави за реалните проблеми на луѓето. Дигитализацијата не е трчање по шалтери, не трчање по документи што можат да се извадат онлајн. Ова е потреба по поквалитетен живот и еден од начините како да ги задржиме младите во земјава“, истакна Бојан Кордалов, претседател на ИДУЕП, како дел од платформата #DigiU.

Според членовите на платформата DigiU, УГД е добар пример во однос на дигитализацијата кој треба да го следат другите универзитети, со цел оваа трансформација да оди побрзо.

Една од причините што денес потпишуваме документ за заложби со УГД е токму поради тоа што ние сметаме дека УГД е еден пример што другите државни универзитети треба да го следат. Исто така, да земат добри работи од менаџментот што има направено, со цел да ги дигитализираат нивните универзитети. Ова е за добро и, за жал, во нашата култура е што ние не сакаме да имаме кооперативна соработка меѓу универзитетите. Секој мисли дека е поважен и подобар од другиот. Ако сакаме да ги смениме работите во образованието во делот на дигитилизирањето на услугите и учењето, задолжително е да се воспостави соработка меѓу државните универзитети и да се споделат сите добри практики што и УГД ги има со цел да се дигитализира“, изјави Бленди Ходаи, директор на Форум за образовни промени (ФОП) како дел од #DigiU иницијативата.