Студентите и универзитетските професори од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип денес дебатираа на тема „Дигитализација на образованието“.
Ректорот на УГД – Штип, проф. д-р Дејан Мираковски вели дека македонските универзитети треба многу да работат во полето на дигитализацијата, со цел студентите да добијат што е можно повеќе дигитални услуги кои овозможуваат побрза и поефикасна услуга.
– Истовремено им овозможуваат на студентите без никакви надворешни влијанија сами да ги контролираат сите административни процеси. Од друга страна, се трудиме како Универзитет да вклучиме што е можно повеќе дигитални алатки во трансферот на знаење. Тоа е тема за која верувам дека допрва заедно ќе разговараме. Младите генерации многу полесно и подобро од нас го прифаќаат тој процес на дигитализација – вели Мираковски.
Ректорот посочи дека соработката со студентите и младите е од особено значење, со цел да ги разберат нивните потреби и да се приспособат системите на универзитетите за полесно да им се обезбеди трансфер на знаење, но и без поголеми финансиски трошоци.
Директорот на Форумот за образовни промени, Бленди Ходаи, истакна дека од штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“ почнува јавната дебата за дигитализација на образованието. Тој посочи дека дигитализацијата е важна за студентите и е еден од начините да се зголеми квалитетот на високото образование.
– Преку дигитализација ние можеме да имаме поквалитетно високо образование. Тоа што ние сакаме да го истакнеме како невладини организации и платформа е фактот дека студентите имаат сто проблеми, а чекањето на шалтери не треба да биде дел од тие проблеми. Причината зошто ние ќе организираме заеднички активности со Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип е токму фактот што од нашите истражувања овој Универзитет се покажа како најдигитализираниот во нашата држава – вели Ходаи.
Ходаи посочи дека ваквиот пример со Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип покажува дека дигитализацијата не е утопија и тоа може да се направи со цел да имаме поквалитетно високо образование.
Штип, 22 ноември 2023 (МИА)