Три списанија од Универзитетот „Гоце Делчев“ се рангирани на првото, второто и седмото место во Северна Македонија според последниот извештај на SCImago Journal Ranking за 2023 година.
SCImago Journal Ranking (SJR) е меѓународно признаено рангирање преку кое се врши проценка на научното влијание и квалитетот на научните списанија ширум светот. За вклучување во SJR рангирањето, едно списание мора да исполнува низа услови и критериуми кои постојано се проверуваат. Рангирањето на списанијата овозможува поголема видливост и престиж, а повисокиот рејтинг значи повисок квалитет, поголемо влијание и повисока вредност на публикациите. Бројот на цитати, квалитетот на цитатите, фреквенцијата на публикациите, како и бројот на автори и цитирања, се само некои од параметрите што го дефинираат SJR бројот на списанието според кој се рангира. Понатаму по области и според SJR бројот списанијата се групираат во четири нивоа на влијателност и тоа: Q1 најпрестижни списанија, Q2 престижни списанија, Q3 влијателни списанија и Q4 помалку влијателни списанија (обично тие кои неодамна биле вклучени во рангирањето).
Според последниот извештај на SCImago Journal Ranking за 2023 година, вкупно седум списанија од нашата земја се рангирани на оваа престижна ранг-листа. Највисоко е рангирано списанието „Balkan Social Science Review (BSSS)“ од Универзитетот „Гоце Делчев“ кое за областа на правото е категоризирано како Q2 списание. „Geologica Macedonica“ е второрангираното списание од Универзитетот „Гоце Делчев“, категоризирано како Q3 списание од областа на геологијата. Овие две списанија имаат зголемување на категоријата во однос на 2022 г. Списанието „Palimpsest“ е најмладо списание од нашиот Универзитет, кое се наоѓа на седмото место и е уште една потврда за научното Q4 влијание на нашиот Универзитет и во областа на јазиците.
Овие достигнувања ја нагласуваат непоколебливата посветеност на Универзитетот „Гоце Делчев“ за поттикнување на културата на истражувачка извонредност и иновација. Ги упатуваме нашите срдечни честитки до сите оние кои директно или индиректно дале придонес во овие извонредни достигнувања.