Search
|     contact@ugd.edu.mk

Одбележана 153-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев

Споделете

Денот на раѓањето на великанот на македонската револуционерна борба, Гоце Делчев, беше одбележан од страна на Универзитетот „Гоце Делчев“ и општината Штип.

Одбележувањето на 153-годишнината од раѓањето на Делчев беше збогатено со присуството на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која заедно со останати делегации положи цвеќе на споменикот на Гоце Делчев пред Ректоратот на УГД, всушност пред училиштето во кое во штипско Ново Село некогаш учителствувал Делчев.

Пред медиумите претседателката Сиљановска-Давкова изјави дека нема посоодветно место од Свети Спас, но и од оваа зграда овде (Ректоратот на УГД) за одбележување на 153-годишнината од раѓањето на апостолот Гоце Делчев.

 „Нема посоодветно место или име за еден универзитет, за еден ректорат, од Гоце Делчев. Во историјата нема да најдете човек за кој толку се пишувало, зборувало, за кој толку се плачело, се радувало… Мислам дека тоа покажува дека Гоце Делчев е неразделен од македонскиот народ. Токму затоа и еве 153 години потоа како да е жив, и следните години ќе продолжи таа Гоцева приказна да биде неразделен дел од македонскиот народ. Она што е восхитувачки е ноторниот факт дека учителите, меѓу кои тој е учителот над учителите, имале толку голема улога во нашата историја, и токму затоа мислам дека овде ми е денес местото како на учителка. Се разбира, замислете, да имате во време на Отоманската Империја мисла како неговата, дека светот го разбира како поле за културен натпревар меѓу народите, е не само демократска и републиканска порака, туку е и најмирољубивата порака. Учителот во него го говори ова, не војводата. Војводата требало да се избори за простор во кој неговиот народ ќе може да се натпреварува со останатите, со зборови, со знаење, а не со пушки.“

 

Ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, рече дека е голема чест што Универзитетот го носи името на великанот на македонската револуционерна борба.

 „Ова е веќе традиционална прослава на роденденот на Гоце Делчев, годинава 153 години од раѓањето на апостолот на македонската револуција и патронот чие име го носи нашиот Универзитет. Ми претставува чест што заедно со градоначалникот на Штип можеме да организираме едно вакво пригодно сеќавање во знак на Гоце Делчев и ми претставува посебна чест што нашиот Универзитет го носи неговото име, и тоа што развојот на Универзитетот сѐ повеќе доближувањето, спојувањето со европски универзитети нѐ прави еден чекор поблиски до тоа што била и неговата идеја – светот како поле за културен натпревар меѓу народите. Јас навистина сум горд и на нашите студенти кои денес имавте можност да ги видите, на нашите професори кои го организираа ова и навистина сметам дека Универзитетот ‛Гоце Делчев‛ има со што да се пофали, сме чекор по чекор до идеалите кои патронот на Македонската револуција ги има зацртано во навистина тешки времиња, но еве денес ни овозможуваат да го следиме неговиот пат.“

 

„Се наоѓаме на местото во градот каде што најмногу се ширела и се чувствувала идејата и идеологијата на великанот Гоце Делчев. Во име на тоа, многу значајни образовни и културни институции во нашиот град го носат неговото име, затоа што имаме завет и обврска да го чуваме тој завет, но немаме право да се одрекуваме од него. Ќе продолжиме и понатаму да го негуваме и да го продолжиме неговото дело“, изјави градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова по церемонијата пред споменикот на Гоце Делчев ја посети и спомен-собата лоцирана во Ректоратот на УГД, а оствари и средба со професорите и студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“.