Search
|     contact@ugd.edu.mk

Околу 300 стоматолози на 13. Симпозиум на Факултетот за медицински науки – Дентална медицина

Споделете
Околу 300 учесници годинава беа присутни на 13. по ред Симпозиум кој е во организација на Факултетот за медицински науки – студиската програма Дентална медицина.
Симпозиумот беше насловен „ИНОВАТИВНИ ТРЕТМАНИ И ТЕХНОЛОГИИ ВО ДЕНТАЛНАТА МЕДИЦИНА: ПРЕДИЗВИЦИ НА ИДНИНАТА”, а како и секоја година имаше меѓународен карактер. Настанот го отвори деканката на Факултетот за медицински науки проф. д-р Милка Здравковска, а предавачи беа проф. д-р Радивоје Радосавлевиќ од Универзитетот во Приштина, проф. д-р Предраг Радовиќ од Универзитетот во Ниш, проф. д-р Тодор Арсов, проф. д-р Јулија Заркова и д-р Павле Апостолски од Факултетот за медицински науки на УГД.
– Би сакал да ги поздравам сите присутни лекари и студенти на овој Симпозиум и да истакнам дека Универзитетот „Гоце Делчев“ поддржувал и во иднина ќе поддржува вакви настани, бидејќи ова е единствениот начин за квалитетен развој на науката, а воедно и одлично искуство за студентите – истакна ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, на отворањето на Симпозиумот.
Настанот се одржа во Мултимедијалниот центар на УГД, а покрај професори и лекари од целиот регион имаше присутни и голем број студенти.
– Тоа што овој Симпозиум се организира по 13-ти пат е доказ дека се прави вистинската работа. Студиската програма Дентална медицина прави одлична работа со истрајноста и квалитетот на организација на овој настан – истакна деканката проф. д-р Милка Здравковска на отворањето на настанот.
Симпозиумот е акредитиран од стручната Комисија при Стоматолошката комора на Македонија со 8 бода за пасивно и 12 бода за активно учество.