Search
|     contact@ugd.edu.mk

Отворен и кариерен ден на УГД

Споделете

Универзитетот „Гоце Делчев“ организираше Отворен и кариерен ден. На едно место беа од една страна студентите, а од друга компаниите во кои во иднина тие ќе ја гледаат можноста за вработување и професионален развој.

Ова е еден нов начин на поврзување на високото образование и бизнис секторот, реалниот сектор, кој би требало да овозможи многу подобро да се запознаат и бизнисите и нашите студенти со можностите за идното вработување, начините на реализација на тоа вработување, што ги очекува во нивната идна кариера, по завршувањето на академскиот статус. Јас сум сигурен дека ова е начинот кој ќе им овозможи на студентите, и сегашните и идните, да изберат правилно да се насочат во професиите, да изберат добри работодавачи, работодавачите да изберат добри идни кадри и сигурен сум дека ова е една од оските која уште повеќе ќе ја зацврстуваме во иднина. Драго ми е што во однос на претходните години некако бизнис секторот е сѐ поприсутен, директно соработува со студентите и со Универзитетот. Има компании кои даваат многу солидни стипендии, кои овозможуваат платена практична работа и студентите уште од првите години на студирање директно ќе се поврзат со компаниите. Сигурен сум дека тоа ќе биде од голем бенефит и за студентите, бидејќи тие ќе можат веднаш по запишувањето да си ја изберат идната кариера, но и за компаниите, бидејќи тие можат да изберат тоа што е најдобро за нив и нивните бизниси – потенцираше ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.

На свеченото отворање на Отворениот и кариерен ден на УГД присуствуваше и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, кој рече дека за вистински развој на реалниот сектор на општината и, пред сѐ, на стопанството е многу значајна комуникацијата и соработката што ја имаат УГД и институциите – локалната самоуправа, како и комуникацијата и соработката со реалниот сектор, инвеститорите и оние кои креираат работни места.

Морам да истакнам дека наш фокус е во иднина да имаме соработка со УГД преку овозможување на студентите еден практичен дел во институциите под Локална самоуправа. Треба да овозможиме студентите полесно да се приспособат на пазарот на труд, а тоа значи дека во рамки на институциите под Локална самоуправа и во рамки на комуникацијата со реалниот сектор многу полесно ќе можат кога ќе завршат со процесот на образование да се приспособат и да се снајдат на пазарот на труд. Штип е центар на пренос на знаење, посакувам тоа знаење да не заврши само во рамки на факултетите, туку да се преточи во реалниот сектор, а тоа ќе значи зголемување и додавање на вредност во економијата.  

На настанот и дебатата учествуваше и Антони Пешев, извршен директор на Стопанската комора, кој изрази задоволство од бројот на присутни компании и на млади луѓе.

Во изминативе години Штип полека прераснува во вистински универзитетски центар. Тоа и треба на Македонија, и на овој дел од Македонија, каде што недостасуваат голем број на едуцирани млади луѓе. Во Стопанската комора пред 13 години започнавме еден амбициозен проект за дуално образование, кој имаше за цел да произведе работна сила за потребите на македонската индустрија. Она што се случи во изминатите години е дека индустријата побара истиот концепт да го примениме и на високото образование, заради тоа што повеќе од 50 % работната сила потребна во Македонија би било пожелно да биде со високо образование. Јас мислам дека имаме исклучително висока поддршка од Амбасадата на Швајцарија, Амбасадата на Германија, Стопанската комора инвестира свои средства во тој сегмент, и мислам дека имаме ситуација во која полека универзитетите стануваат наш партнер, и по бројот на проекти кои ги работиме, а и во делот на обезбедување на работна сила за потребите на нашите членки. Вие знаете дека одиме во период во кој ќе има голема промена во делот на едуцираноста на работната сила. Без едуцирана работна сила нема да имаме можност да бидеме конкурентни на светските пазари. Промената на технологијата со воведувањето на вештачката интелигенција бара навистина школувани млади луѓе и се надевам дека овој тренд ќе продолжи понатаму, не само како кариерен ден, туку како една агенција во рамки на Универзитетот, која ќе се грижи за тоа да ги промовира студентите пред компаниите и компаниите и нивните барања да ги промовира пред студентите, и да им овозможи уште пред да ги завршат студиите да се запознаени со пазарот на работна сила. Само на тој начин можеме да направиме работна сила која ќе биде коректно платена и ќе направиме простор да младите луѓе не по секоја цена бараат да ја напуштат државатаизјави Пешев.

Своето искуство го пренесе и студентката на Факултетот за медицински науки, Драгана Угрева, која рече дека во однос на праксата, студентите имаат можност за одлична едукативна пракса:

 – Имаме можности да посетуваме болници, банки, угостителски објекти, шпедиции, адвокатски фирми и многу други установи. Веќе е овозможено да има пракса во секој град во Македонија, со тоа што и студентите кои не живеат во Штип ги имаат истите можности.

На Отворениот и кариерен ден беше организирана и панел-дискусија на тема „Важноста на високото образование за македонскиот бизнис и улогата на бизнисот во креирање на поквалитетно образование“.