На 31 јануари 2025 год. на Електротехнички факултет во Скопје се одржа свечено отворање на ИНОФЕИТ ЕДИХ, првиот Европски дигитален иновациски хаб во Северна Македонија – Центар за дигитална трансформација и иновации.
Овој хаб претставува центар за иновации, дигитализација и претприемништво, кој ќе им овозможи на малите и средни претпријатија, стартапите и истражувачките институции пристап до напредни технологии и знаење. Ќе нуди поддршка за дигитална трансформација на компаниите и јавната администрација.
Како дел од мрежата на Европските дигитални иновациски хабови (EDIH), хабот овозможува пристап до најновите технологии и ресурси, зајакнување на иновацискиот екосистем и интернационална соработка во доменот на дигиталната трансформација.
Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип е еден од клучните партнери во рамките на конзорциумот составен од INNOFEIT (Координатор) – Центар за трансфер на технологии и иновации, УКИМ, УКЛО, Солвео, Сојузот на стопански комори на Северна Македонија (ССК), Македонската асоцијација на преработувачи (МАП), Интерспејс, Микросам и Контрон.
Во рамките на настанот се одржа и панел-дискусија на тема „Улогата на европските дигитални иновациски хабови во дигиталната трансформација на општеството“ на која учествуваа:
- проф. д-р Весна Јаневска – министер за образование и наука,
- г. Стефан Андоновски – министер за дигитална трансформација,
- проф. д-р Владимир Атанасовски – декан на ФЕИТ при УКИМ,
- проф. д-р Сашо Коцески – декан на Факултет за информатика при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип,
- проф. д-р Орце Симов – Сојуз на стопански комори,
- г. Слободан Јовановски, Контрон.