Вработените на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип денес излегоа на протест, истовремено со уште четири државни универзитети.
Причината за протестот е дискриминацијата во однос на зголемувањето на платите, поради тоа што зголемување за 22 % добија само вработените на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје.– Бараме потпишување на Колективниот договор и зголемување на платата за 22 % , исто како и за УКИМ, сите државни универзитети треба да имаат ист третман. Ние немаме ништо против тоа што на УКИМ е зголемена платата и што тие имаат потпишано Колективен договор со работодавецот – Собранието на РСМ, впрочем тоа е одлично за сите нас. Но, бараме истото да важи и за нас, и не држат оправдувањата дека поради изборите не може да се потпишуваат колективни договори, бидејќи ние нашиот предлог за потпишување колективен договор го доставивме навреме, уште во октомври минатата година – изјави професорот Андон Мајхошев, претседател на Синдикалната организација на УГД.
Мајхошев рече и дека следните чекори ќе зависат од тоа како Владата ќе одговори на овие барања на државните универзитети, но и од тоа што ќе побара членството на Синдикатот. Исто така, тој потенцираше дека овие барања и протести немаат никаква политичка или партиска заднина, а поддршка добија и од Универзитетскиот сенат на УГД.