Катедра „Аденауер 2024“ и Правниот факултет на УГД организираа дебата на тема „Регионална соработка и европска интеграција – Агендата на ЕУ за Западен Балкан“. Со студенти од правните факултети на УГД и УКИМ, дебатираа пратеници, аналитичари и дипломати, а за значењето на евроинтеграциите од аспект на високото образование говореше проректорката за меѓународна соработка на УГД, проф. д-р Ана Никодиновска – Крстевска.
– Особено сме горди што организацијата на вакви настани е дел од нашата, универзитетска агенда, практично, промоција на евроинтегративните процеси, односно промоција на регионалната соработка со Европската Унија, и со земјите од Западен Балкан. Она за што се дискутира, барем од аспект на универзитетите, и што го засега и Универзитетот „Гоце Делчев“, е потесната соработка помеѓу ЕУ од една страна, земјите од Западен Балкан, посебно универзитетите, во делот на високото образование, како и во делот на промоција на сите оние активности и придобивките од тој еден единствен заедничко образовен простор. Последните новитети во делот на високото образование, особено во делот на оние високи состаноци кои се одржаа во рамките на Берлинскиот процес, е дека како пандан, или паралела на оние случувања кои се остваруваат во зацврстување на тој регионален пазар во рамките на Западен Балкан, паралелно се склучуваат нови договори за заемно признавање, односно за признавање на националните квалификации на високообразовните институции, а и за дипломите кои потекнуваат од универзитетите на овие земји. Сето тоа ќе биде во насока да се оствари поголем проток на лица, работа, признавање, запишување на други универзитети, едноставно зацврстување на процесот на регионална интеграција, практично и европска интеграција. И уште една, особено важна придобивка од овој процес на европски интеграции, особено за високообразовните институции, се практично оние програми кои се остваруваат преку Еразмус плус програмата, кои овозможуваат пред се мобилности за студенти, за наставен кадар, за административен кадар, овозможуваат соработка во науката, во образованието, истражувањето, иновациите, придонесуваат до постигнување на степен на извонредност со кој универзитетите ќе можат понатаму да конкурираат на сите европски пазари, на регионални, а истовремено и да се приближуваат кон онаа зелена транзиција, на одржлив развој и се разбира кон дигитализацијата.
Најголема придобивка за УГД е вклучувањето во Европската универзитетска алијанса, а тоа е придобивка не само за универзитетот, туку и за пошироката локални бизнис заедница и за државата како целост. Оваа алијанса во која влеговме заедно со осум универзитети од други држави, овозможува да воспоставиме и да креираме заеднички дипломи, заеднички студиски програми, едукативни курсеви и школи… Едноставно, да направиме натпревари во кои ќе можат студентите да се докажат, заедно да соработуваат со наставничкиот кадар, и во кој ќе можат да се доквалификуваат, усовршуваат, едноставно да посетат други земји, други универзитети во рамките на Алијансата.
На дебатата учествуваа и пратениците Марија Петрушевска, Моника Зајкова, поранешниот дипломат и Министер за надворешни работи Васко Наумовски, а модератор беше новинарката Нора Калиќи.
– Имаме одлична можност заедно со студентите да дебатираме на една значајна тема, а тоа е: Европската агенда и Западен Балкан. Очекувам една продуктивна, демократска дебата каде ќе можеме да размениме мислења со оние кои ќе бидат иднината на нашата држава – изјави Марија Петрушевска.