„Симулација на Европски парламентарни избори 2024“ беше настанот кој Правниот факултет на УГД, во соработка со Europe house Strumica, го организираше по повод Денот на Европа. Ова беше иновативен настан, поврзан со значењето на Европскиот парламент во демократските процеси во ЕУ.
– Оваа година навршува последниот мандат, од последната европска легислатива. Од 6 до 9 јуни ќе се одржат Европските парламентарни избори и од тие причини решивме да споделиме и да го продлабочиме овој изборен процес, на кој начин се одвиваат овие избори, со цел да ги доближиме и до студентите, но и до граѓаните, да го прошириме познавањето, свеста, на кој начин се организираат, која е улогата на Европскиот парламент. Особено е важно што денес го организираме овој настан и дебатираме за Европскиот парламент и начинот на кој ќе се одвиваат Европските парламентарни избори. На настанот ќе учествуваат учесници од Хрватска, колегата Томазо Дел Бекаро од Универзитетот во Пиза, но ќе учествуваат и ученици од Средното општинско училиште „Љупчо Сантов“ во Кочани, кои ќе го презентираат нивното искуство од остварената посета на Euroscola во рамките на Европскиот парламент во Стразбур, под менторство на проф. Александар Михајлов. Освен ова, студентите од Правниот факултет и студиите по новинарство ќе извршат симулација на Европски избори. На кој начин се одвиваат европските избори, како е начинот на гласање – изјави проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска.
Учесниците од Хрватска и од Италија, м-р Ален Лалич и Томазо дел Бекаро, ги споделија своите искуства поврзани со изборниот процес во нивните држави.
Учениците од СОУ „Љупчо Сантов“ во Кочани споделија искуства од својата посета на Европскиот парламент во Стразбур:
– Нашите ученици имаа уникатна можност да учествуваат на една од панел сесиите организирани од Европскиот парламент, наменети за средношколци, со тоа што имаа можност да видат како работат европратениците во поглед на процесите на носење на регулативи, директиви. Учениците добиваат тема за обработка, ја анализираат и се ставаат во улогата на европратеници, со тоа што ги вреднуваат аргументите за и против, и носат одлуки за или против – изјави проф. Александар Михајлов, ментор на учениците од СОУ „Љупчо Сантов“ во Кочани.
Интерактивната симулација на изборите во Европскиот парламент се реализираше под менторство на демонстратор м-р Елена Трајковска и проф. д-р Ана Никодиновска-Крстевска. Студентите имаа можност да се запознаат со работата на Европскиот парламент и да учествуваат во симулација на изборниот процес.