Синдикатите на сите шест јавни универзитети во Македонија, денес во Штип потпишаа Mеморандум за меѓусебна соработка. Меморандумот е значаен документ кој ќе помогне во зголемување на правата на вработените во јавните универзитети.
– Овој меморандум ќе даде основа за заеднички настап на сите синдикати пред надлежните институции. Соработката ќе биде особено во делот на активностите што следат по изборите, а тоа е потпишувањето на колективните договори за вработените во јавните универзитети. Освен тоа, тука влегуваат и вмрежување со други јавни универзитети во соседството и Европа, да соработуваме на заеднички проекти, заедничка едукација, планирање на активности во насока на заштита на правата на вработените во сите сегменти – изјави проф. д-р Андон Мајхошев, претседател на Синдикатот на УГД, институцијата домаќин.
Меморандумот има отворен карактер и кон него можат и се поканети да се приклучат и други универзитети од регионот, а можат да се вклучат и приватните универзитети, ако наоѓаат интерес од тоа.
– Ова е историски момент за сите нас, затоа што никогаш во историјата не бил потпишан колективен договор. Со денешното потпишување на овој Меморандум за соработка е заеднички да се обидеме да го подобриме квалитетот на работа на вработените и се разбира да се подигне стандардот – изјави Ангел Ристов, претседател на Сојузот на синдикати на УКИМ.
Од сите јавни универзитети, сега за сега, само Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ има потпишано колективен договор со кој се уредуваат правата и обврските на вработените на овој универзитет.