Синдикатите од шесте јавни универзитети во Република С. Македонија ги продолжуваат своите планирани активности. Во фокусот се ставени повеќе активности. Сепак, главен приоритет е потпишување на Колективен договор на вработените во високото образование, односно за вработените во универзитетите кои се основани од страна на државата. Тоа е главниот заклучок кој произлезе од состанокот на синдикалните претставници од јавните универзитети. Домаќин на состанокот беше Синдикатот на Универзитетот во Тетово. На маргините од состанокот се одржа и краток протоколарен состанок со ректорот на Универзитетот во Тетово, проф. д-р Јусуф Зејнели.
За да се потпише колективен договор е потребно да постои еден заеднички синдикат на вработените од јавните универзитети. За таа цел, синдикалните претставници се договорија да се формира Унија на синдикати од јавните универзитети и ќе се здружат сите шест синдикати. Основањето на овој синдикат да заврши најдоцна до крајот на октомври. Во меѓувреме, додека траат годишните одмори, работна група ќе работи на подготвување на основачките документи: статутот и програмата, по што ќе следи конституирање и регистрирање на истиот во Регистарот на синдикати.
Исто така, синдикатите се договорија секоја година редовно да се одржуваат научни и стручни конференции, синдикални семинари, како и универзитетски спортски игри во разни дисциплини.
На состанокот беше споделена информација дека во јавните универзитети се вработени околу 4500 лица, од кои околу 1800 лица се членови на синдикатот, што е висок процент на опфатеност на вработените во синдикатот во оваа дејност. Бројките укажуваат на тоа дека синдикатот во јавните универзитети се наметнува како респектабилен субјект кој има моќ да направи позитивни промени за подобрување на работно-правниот статус на сите вработени во јавните универзитети. За зголемување на моќта на синдикатот беше договорено процесот на зачленување и омасовување на членството да продолжи и во иднина, а главна цел е да се дојде до над 50 % од вкупниот број вработени.
Од аспект на позитивната законска регулатива уште сега може да се каже дека актуелната бројка на синдикално членство во сите шест синдикални организации ја достигна потребната бројка од над 20 % потребни за репрезентативност што подразбира право на колективно преговарање и потпишување на КД во областа на јавното високо образование