Search
|     contact@ugd.edu.mk

„Скриеното лице на насилството“: Проект за побезбедни училишта започнува на Факултетот за образовни науки

Споделете

Факултетот за образовни науки го организира почетниот настан „Скриеното лице на насилството“ во рамките на проектот „Промоција на безбедна училишна средина“. Настанот, кој опфаќа целодневна обука наменета за студентите, има за цел да ја сензибилизира наставничката фела за препознавање и превенција на насилството во училиштата и да поттикне создавање побезбедна средина за сите ученици.

Проектот е финансиран од Детската фондација „Песталоци“ и координиран од Македонскиот центар за граѓанско образование, во соработка со коалицијата СЕГА. Вклучени се три наставнички факултети: Факултетот за образовни науки во Штип, Државниот универзитет во Тетово и Универзитетот „Св. Климент Охридски“. Според Тулаха Тахир од Македонскиот центар за граѓанско образование, проектот има за цел да ги едуцира идните наставници за препознавање, превенција и справување со различни видови на насилство, преку директна работа со ученици, родители и наставници.

„Нашата крајна задача е да ги едуцираме идните наставници за сериозноста на насилството и да ги подготвиме да делуваат превентивно“, изјави Тахир, додавајќи дека проектот ќе трае до 2026 година.

Професорите од Факултетот за образовни науки во Штип нагласуваат дека проектот се фокусира на препознавање на скриените форми на насилство, кои често се игнорираат или нормализираат.

„Некои форми на насилство во училиштата се третираат како бенигни, а нашата задача е да ги идентификуваме и превенираме“, изјави проф. д-р Трајче Стојанов.

Проф. д-р Оливер Цацков додаде дека наставниците имаат клучна улога во детектирањето на насилството. „Со техниките што ќе ги научат преку овие работилници, студентите ќе можат навремено да реагираат и да спречат сериозни инциденти“, рече тој.

Како дел од проектот ќе биде објавен „Прирачник со протокол за безбедна училишна средина“, кој ќе послужи како водич за наставниците и училишните заедници во справувањето со насилството.

Проектот претставува значаен чекор кон создавање посигурна и подобро организирана училишна средина, со посебен акцент на превенција, едукација и соработка меѓу сите учесници во образовниот процес.