„Млади кои активно создаваат можности“ е насловен проектот на УСАИД, кои заедно со Универзитетот „Гоце Делчев“ ќе создаваат можности за младите луѓе кои се заинтересирани да развиваат свои проекти или бизниси.
– Драго ми е што денес потпишуваме Договор за соработка со овој проект на УСАИД. Како една од активностите е тоа што ќе им овозможи на младите поддршка, независно дали ќе се одлучат за сопствена идеја или за работа во компанија. За нас е многу важно што нашите студенти ќе имаат пристап до ресурси – изјави ректорот на УГД проф. д-р Дејан Мираковски.
Проектот е веќе активен, а денес се потпиша Договор за соработка преку кој УГД ќе се вклучи со основање на Акцелератор, каде што студентите и младите луѓе ќе можат да ги развиваат своите идеи и проекти.
– Првата активност, овој акцелератор заедно со нашиот партнер ќе им даде можност на младите да развиваат свои идеи, но воедно и свои вештини – изјави раководителот на активноста, Небојша Мојсоски.
Активноста трае до јануари 2028 година, во сите тие години ќе се развиваат програми кои ќе им дадат можности на младите да го практицираат она што го учат. Програмата ќе го поврзува бизнисот заедно со високото образование.
– Забележавме дека во овој дел од Македонија поддршката за младите е многу помала, отколку во други делови на државата. Затоа се одлучивме да почнеме директно со конкретни активности. Освен формирање на Бизнис акцелератор, ќе работиме и на програма за млади претприемачи – изјави Ѓорѓи Кушевски од „Ceed Hub“ – Скопје.
Очекувањата се дека првите активности од овој проект ќе започнат до крајот на оваа година и веќе млади луѓе ќе можат да аплицираат со свои идеи, стартапи или проекти.