Search
|     contact@ugd.edu.mk

Соработка со Франкофонската школа за менаџмент

Споделете

Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип потпиша Меморандум за соработка со Франкофонската школа за менаџмент (L’École de Management de la Francophonie – ESFAM). Школата претставува образовна институција специјализирана за Мастер програми чиишто активности се изведуваат во соработка со Универзитетската франкофонска агенција (L’Agence Universitaire de la Francophonie – AUF) и со Парискиот државен универзитет на Сорбона (Sorbonne Université), со седиште во Софија, Бугарија.

Меморандумот произлезе од меѓусебната соработка остварена со ESFAM, во рамките на Саемот за студии во Франција којшто традиционално се одржува во Националната универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје, во организација и со посредништво на Францускиот институт во С. Македонија.

Меморандумот за соработка предвидува продлабочена соработка помеѓу двете институции во полето на размена на студенти, вклучување на наставен кадар во годишната конференција на ESFAM насловена „Деновите на педагошки иновации”, учество на научни семинари, организација на заеднички настани и слично. Како една од првите активности што произлегоа од оваа соработка, беше учеството на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, преку професорката Ева Ѓорѓиевска од Филолошкиот факултет, на семинарот насловен „Технолошките иновации во високото образование“, кој се одржа на 7 и 8 декември 2023 година во Софија.

Освен ова, целта на Франкофонската школа за менаџмент е да образува високоспецијализирани кадри за администрација и бизнис менаџмент на француски јазик, со цел да придонесе кон севкупниот развој на земјите од Централна и Источна Европа. Школата нуди можности за стипендирање на македонските студенти вклучени во нејзините мастер програми. Повеќе информации може да се најдат на следниот веб-сајт: https://esfam.auf.org/ .