„Europe house” – Битола и Клубот на оратори „Forum oratores” ја одбележаа 75-годишнината од Универзалната декларација за човекови права на ООН, со финалето на Ораторскиот натпревар за млади оратори. Настанот беше отворен од заменик-амбасадорот на Делегацијата на ЕУ, Бен Нупнау и Росана Дуџак, постојан координатор на ОН во Македонија.
Во ревијалниот дел, којшто беше вовед на официјалниот Ораторски натпревар, настапија четворица алумни оратори: Моника Пенчова, Марија Додовска, Антонио Чоневски и студентот од Правниот факултет на УГД, Божидар Доневски, со својот говор „Секој човек има право на свој сон”.
Поканата за учество ја прифатив со задоволство, затоа што имав прекрасна можност да говорам за човековите права, коишто се универзални и треба да се применуваат за сите луѓе во светот, а во согласност со Универзалната декларација за човекови права на ООН – изјави Божидар.Во официјалниот натпреварувачки дел учествуваа студенти на правните факултети на УКЛО – Битола, УГД – Штип и УКИМ – Скопје. Младите оратори: Бојана Бурческа, Драган Ѓуровски, Јулијана Ѓорѓова, Магдалена Тасева, Дарко Трпковски и Христина Гараблиевиќ беа гласни, моќни и силни. Со своите говори покажаа дека младите се креатори на својата иднина и двигатели на позитивни промени во едно општество. Јулијана Ѓоргова, Бојана Бурческа и Христина Гараблиевиќ се добитници на прва, втора и трета награда. На сите учесниците во ревијалниот и во натпреварувачкиот дел им беа доделени сертификати за учество на ораторскиот настан. Моќта на говорот допре до срцата на сите присутни. По аплаузите на публиката беше очигледно дека сите оратори беа победници.