Search
|     contact@ugd.edu.mk

УГД и Стопанската комора заедно во насока на зелена транзиција и циркуларна економија

Споделете

Во рамки на соработката помеѓу Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) – Штип и Стопанската комора на Македонија се одржа седница на Одборот за управување при Центарот за циркуларна економија. На настанот присуствуваа претседателот на Комората, Бранко Азески, ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, и проректорот за инвестиции, развој и одржување, проф. д-р Дарко Лазаров, кој е и претседател на Клубот на извозници при Комората. Главна тема на дискусија беа можностите за унапредување на циркуларните бизнис-модели и нивната имплементација во македонската економија.

Претседателот Азески истакна дека македонските компании се соочуваат со предизвици од глобалните економски текови, кои влијаат врз домашната економија. Тој нагласи дека циркуларната економија е клучна за постигнување на конкурентност на меѓународните пазари. „Комората ќе продолжи да биде партнер на компаниите во нивните заложби за раст и развој, особено преку иновативни пристапи како циркуларните модели“, додаде Азески.

Ректорот на УГД, проф. д-р Мираковски, ја потенцираше улогата на Универзитетот во овој процес, нагласувајќи ги ресурсите и капацитетите на универзитетските лаборатории. „Нашите лаборатории нудат можности за детални анализи на отпад, како и за негово трансформирање во корисни суровини. Ова е значајна можност за заеднички активности на науката и индустријата“, рече Мираковски, истовремено повикувајќи на поблиска соработка помеѓу двете сфери за минимизирање на отпадот.

На седницата беше претставена и платформата на Центарот за циркуларна економија, која ќе служи како ресурс за сите компании заинтересирани за Зелената агенда за Западен Балкан. Преку платформата, фирмите ќе имаат пристап до информации за актуелни настани, обуки, семинари и можности за заеднички активности.

Директорот на УСЈЕ, Константинос Николау, ги презентираше успешните примери на примена на циркуларната економија во нивната компанија, нагласувајќи дека УСЈЕ има капацитет да презема отпад од други индустрии и да го користи како суровина во своите процеси.

Седницата заврши со дискусија за тековните предизвици и можности за развој на компаниите, при што учесниците разменија искуства и идентификуваа потенцијални насоки за идни заеднички проекти.

УГД уште еднаш покажа дека е клучен партнер во процесот на креирање иновативни решенија за одржлив развој, активно поддржувајќи го спојот на науката и индустријата во корист на општеството и економијата.

Извор: https://www.mchamber.mk/mk/news/index/638?cookieS=1