Универзитетот „Гоце Делчев“ ја започна реализацијата на програмата „Иницијатива за идни научници“, наменета на матурантите кои се подготвуваат за полагање на државна матура.
– Ја започнуваме програмата „Иницијатива за идни научници“, која во суштина значи бесплатни часови по математика за матурантите. Оваа иницијатива првично беше бесплатни часови по физика, хемија, математика и биологија, но поради слабиот одзив на матурантите , бесплатни часови по физика, хемија и биологија оваа година нема да има. Најмногу ученици имаме пријавено по предметот Mатематика и часовите по тој предмет ќе се одвиваат во просториите на Универзитетот „Гоце Делчев“. Ние сме сведоци дека во изминатите години резултатите од тестирањата по предметот Mатематика во склоп на државната матура се послаби, но и бројот на матурантите коишто беа пријавени за да го полагаат овој предмет исто така е многу мал.
Затоа, Универзитетот „Гоце Делчев“ како една одговорна образовна институција реши оваа година на матурантите да им помогне, да ги мотивира, се со цел да постигнат многу подобри резултати на државната матура. Од друга страна, ова се ученици коишто се наши потенцијални студенти. Ова за нив претставува еден голем плус во добивањето на подобри предзнаења, особено за оние ученици и матуранти кои претендираат да се запишат на техничките факултети. Се надеваме дека ова ќе биде една добра пракса во годините што следуваат и дека веќе во идната година ќе имаме повеќе пријавени матуранти за предметот Математика, но и доволен број на пријавени по предметите Физика, Хемија и Биологија – изјави проф. д-р Билјана Златановска од УГД.
Часовите за матурантите се одржуваат во текот на 12 седмици, во февруари, март и април 2025 година. Наставата ќе биде креирана според потребите и интересите на учениците, а ќе ја реализираат професори од средните училишта во соработка со наставници од Универзитетот „Гоце Делчев“.