Организацијата на полагањето на матура беше предмет на средбата која ја имаа ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски и директорката на Државниот испитен центар, Даниела Јовчевска-Михајловска.
-Целта на нашата посета е потребата на средните училишта од Штип, кои веќе се подготвуваат за матурата која ќе следи на крајот на мај и почетокот на јуни за учениците од четврта година. Средните училишта од општина Штип се изјаснија дека им е потребна поддршка во делот на организирање на просторот, бидејќи согласно со правилата за организирање на матурата, просторот треба да биде раздалеченост помеѓу учениците од метар и половина за да можат да работат непречено и да имаме подобра прегледност. Токму затоа и денес сме тука, на барање на директорите се обративме до ректорот на УГД да ни овозможи, да ни даде поддршка да го користиме Универзитетот за реализирање на екстерните испити од државната матура во деновите за полагање на испити од државна матура. Поголемиот простор нуди поголеми можности во поглед на тоа ние да имаме поголема прегледност. Тестаторите можат полесно да ги набљудуваат учениците, да се намали делот на препишување, затоа што знаете дека во изминатите години се соочуваме со еден таков проблем, за да имаме што е можно поголема објективност во реализација на државната матура ми се разбира поголеми достигнувања на учениците – изјави директорката на Државниот испитен центар Даниела Јовчевска-Михајловска.
Според ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, УГД ќе излезе во пресрет на сѐ она што на Државниот испитен центар ќе му биде потребно за поуспешна реализација на полагањето на државната матура.
– Директорката имаше можност да биде запознаена со нашите капацитети. Ние како Универзитет сме должни и ќе направиме сѐ што е во наша можност да го ставиме на располагање на Државниот испитен центар и на училиштата од Штип и верувам дека учениците ќе имаат соодветни услови за полагање на матурата, ќе имаат простор каде што ќе можат непречено да ги реализираат сите активности. Како Универзитет веќе имаме одредени активности со кои им помагаме на идните студенти, кои се надевам ќе постигнат што подобри резултати на матурските испити. На тој начин подобро ќе го запознаат Универзитетот како простор во кој би можеле да го реализираат своето академско образование, но и како простор каде што во иднина ќе можат да дојдат, да работат, да соработуваат со нашите колеги професори и со нашите студенти. Верувам дека Универзитетот ќе биде соодветен партнер во реализација на сите овие активности.
Согласно со барањата и потребите што ги има Државниот испитен центар, не во детали, меѓутоа Универзитетот има голем број амфитеатри во кои имаме од 80, па до 240 места, во кои има соодветни услови за сместување на учениците. Имаме четири современи амфитеатри на Кампус 2, два на ФОН, еден на Правен факултет, како и во објектите на поранешното текстилно училиште и на Економскиот факултет. Имаме доволно простор за да се сместат сите ученици од Штип. Објектите ќе им бидат оставени на целосно располагање на учениците и на испитните комисии, ние ќе обезбедиме простор и техничка поддршка – изјави ректорот проф. д-р Дејан Мираковски.