Во насока на поддржување на процесот на европска интеграција во полето на високото образование, ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, проф. д-р Дејан Мираковски, во соработка со вицепремиерот за политики и добро владеење на Република Северна Македонија, д-р Арбен Фетаи, оствари средба со професорот Жан Мишел де Вал (Jean Michel De Waele) од Слободниот универзитет во Брисел (Vrije Universiteit Brussel).
На средбата се разговараше за меѓународната позиција и соработката на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип со други европски високообразовни институции од Европската Унија, како и за конкретните активности и соработки помеѓу овие два универзитета, со цел за воспоставување на заемна поддршка и промоција во наставната и во научната дејност за развивање на можности за заеднички образовни и апликативни курикулуми, како и за размена на студенти и академски кадар помеѓу универзитетите.
Во рамките на оваа посета, професорот Де Вал, кој е долгогодишен поддржувач на процесите на европската интеграција, особено во земјите од Источното партнерство и Западен Балкан, одржа предавање пред студентите од Правниот факултет на тема „Европската интеграција и владеењето на правото – научени лекции од претходните проширувања“. Во рамките на предавањата, тој особено ја нагласи важноста на студентите како двигатели на процесите на европска интеграција во единствениот европски високообразовен простор, и воопшто во напредокот и развојот во светот.