Search
|     contact@ugd.edu.mk

Универзитетските медиуми на Меѓународен форум за младински медиуми во Белград

Споделете

Универзитетските медиуми викендов по трет пат беа гости на „Brave New Media Forum“ (BNMF 2023) во Белград.Станува збор за Меѓународен форум на младински медиуми, новинари и креатори на содржини од целиот свет. На форумот присуствуваа преку 250 медиумски професионалци од целиот свет, а Универзитетските медиуми беа претставени на две сесии. Првата сесија беше во рамките на модулот „Deep Dive“, каде што се претставуваше работата на Универзитетските медиуми, форматот и публиката се запознаваше со можности за соработка. Претставници на Универзитетските медиуми беа Игор Стојанов и Тони Михаилов.  На вториот панел на главната сцена одговорниот уредник на Универзитетските медиуми, Игор Стојанов, зборуваше за етичкото известување во младинските медиуми.

„Сесијата беше посветена на Етичкиот кодекс кој ние го изработивме заедно со уште 11 младински медиуми од регионот. Етичкиот кодекс е во рамките на Young Media Network, мрежа која Универзитетските медиуми ја формираа заедно со уште 11 други медиуми од Западен Балкан. Зборувавме за етичко известување за млади и деца, а ова е од особена важност затоа што на овој вид на известување се посветува многу малку внимание. Вие денес имате млади луѓе кои креираат различни содржини на интернет и многу често од незнаење прават големи грешки во однос на моралот и етиката“, изјави одговорниот уредник на Универзитетските медиуми Игор Стојанов.

„Brave New Media Forum“ традиционално се организира четврта година по ред, а Универзитетските медиуми се гости три години.

„Ова е одлична можност за бројни соработки. Токму од овој форум произлегоа бројни соработки кои траат и денес. Токму од овој форум минатата година се креираше и Young Media Network, меѓународна мрежа на младински медиуми. Во исто време ова е значајно и за нашите студенти. Секоја година на овој форум се пријавуваат и учествуваат и студенти од УГД, како дел од организацијата“, изјави новинарот во Универзитетските медиуми, Тони Михаилов.

Организатор е Академијата на Дојче Веле, со поддршка на ОБСЕ. Од Македонија годинава на панелите единствени со свое присуство беа медиумите на УГД. По сесиите се отворија можности за соработка со други младински медиуми, а на форумот беа присутни и од организацијата на Млади амбасадори на Европската Унија, кои исто така изразија желба за соработка со медиумите на УГД.