Ректорот на Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД), проф. д-р Дејан Мираковски, и директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Дејан Станков, денес потпишаа Меморандум за соработка. Ректорот на УГД, проф. д-р Мираковски истакна дека е многу значајна оваа соработка за научниците, универзитетските професори и студентите да можат директно да соработуваат со професионалците од ДЗС.
– Статистиката е многу важна да се увиди фактичката состојба и да се направат подобри основи за истражување и подобри решенија за проблемите – вели Мираковски.
Директорот на ДЗС, Станков, додаде дека оваа соработка е важна, бидејќи студентите се едни од најголемите корисници на статистички податоци, коишто се објавени на веб-страницата.
– Но, исто така, и за истражувачите, понапредните истражувачи, за коишто овозможуваме пристап до анализирани микроподатоци во нашата заштитена соба. Истовремено втората причина е што вчера, на 20 октомври, се одбележа Европскиот ден на статистиката, под слоганот „Официјален статистики прозорец за разбирање на општеството“ – изјави Станков.
Проректорот на УГД, проф. д-р Дарко Лазаров, истакна дека за Универзитетот се важни не само академските и теоретските знаења на студентите, туку е потребно и нивно проширување со практични вештини.