Во тек на една недела, млади луѓе и претприемачи ќе работат со локални компании со цел подобрување на нивните капацитети, вештини и бизнис планови. Факултетот за информатика и УГД се домаќини на втората недела за подобрување на бизнисот и стартапите која се одржува со соработка со Универзитетот во Луцерн, Швајцарија.
– Во 2018 г. првпат дојдовме во Македонија и се поврзавме со универзитетите. Од 2023 г. сме во Штип и овде ги поддржуваме стартапите. Минатата година студентите беа многу среќни што го имаат ова искуство, се надевам дека ќе биде така и оваа година – вели професорот Рене Цајер од Универзитетот во Лицерн, Швајцарија.
Оваа недела на претприемништвото е поддржана и од Општина Штип, како и од локалните бизниси кои се вклучени во процесот.
– Најпрвин би сакал да го истакнам моето задоволство од работењето на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип којшто со овој настан, уште еднаш докажуваат дека работат на развој и промоција на нашиот град. Се надевам дека со стекнување на вакво знаење младите луѓе ќе формираат стартап компании и ќе генерираат дополнителен развој во градот – изјави градоначалникот на Штип, Иван Јорданов.
Настанот, исто така, е поддржан од CEED HUB Macedonia, а во текот на наредните неколку денови младите луѓе ќе имаат можност да се стекнат со многу нови вештини и да ги подобрат своите актуелни вештини за водење бизнис и претприемништво.
– Во рамките на овој настан, практично, нудиме бесплатна помош на нашите стартап компании, особено оние во Источна Македонија. Воедно ги поттикнуваме нашите студенти и млади луѓе да започнат свој бизнис, односно да влезат во светот на претприемништвото – изјави проф. д-р Сашо Коцевски, декан на Факултетот за информатика при УГД.