Search
|     contact@ugd.edu.mk

Започна новата академска година за нови 1500 студенти на УГД

Споделете

Започна новата академска година за над околу 1500 нови студенти на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

На првиот академски час на студентите им се обратија ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски, министерката за образование и наука, проф. д-р Весна Јаневска, градоначалникот на Штип, Иван Јорданов и студентите Александар Величков и Сара Тошева.

Ректорот Мираковски истакна дека Универзитетот ќе направи сѐ што може, со цел студентите да добијат поквалитетно образование:

Денес ги отвораме вратите на амфитеатрите, предавалните, лабораториите и да им посакаме успешно студирање на новите генерации бруцоши, нашата нова надеж во образованието. Сигурен сум дека ние како универзитет ќе направиме сѐ што можеме за да добијат поквалитетно образование и да бидат идни градители на нашата земја, да ги креираат своите кариери тука и да успеат во сѐ што ќе преземат како активност во иднина. Универзитетот оваа академска година ја започнува со околу 1200 нови студенти од Македонија, како и со 350 странски државјани, тоа се бројки коишто според сите аспекти се задоволителни за нас. Се надевам дека ќе продолжиме да им нудиме високо квалитетно образование и да им помагаме во професионалниот развој и во сите други активности кои младите генерации ги преземаат. Универзитетот е дел од оваа средина и ќе продолжи активно да ја поддржува во сите аспекти на развој на средината во која функционирамеистакна Мираковски.

Министерката Јаневска најави поддршка, и за студентите и за професорите:

Денес почнува новата академска година за сите студенти од сите генерации и за сите професори од универзитетите и факултетите. Редно е на овој убав ден да им посакаме успех во учењето, многу здравје и среќа. На студентите работа е да учат, да се посветат на знаењето, да бидат љубопитни, да истражуваат, но и да ги почитуваат и слушаат своите професори. Работа на професорите е 100 проценти да им се посветат на своите студенти, да ги подучуваат, да им помагаат во откривањето на научните вистини, во истражувањето и остварувањето на целите на младите луѓе кои ќе го посветат сопствениот живот на одредена струка за која се определиле. Работа, пак, на државата е да ги поддржува и едните и другите, на различни начини – професорите да бидат мотивирани да ја извршуваат својата задача, а студентите да имаат добри услови и задоволителни можности да ги остварат своите потреби. Ние ќе работиме и на  мотивирање на наставниците, тие веќе добиваат поголеми плати, во текот на идната година исто ќе се зголемат, а студентите добиваат погодности, сите можности што им ги нуди студентскиот стандард, а тоа се студентски домови, студентски оброк, стипендии по разни основи.

Градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, ја потенцираше поврзаноста на УГД и Локалната самоуправа и Општината Штип:

Им посакувам успешна академска година на сите студенти на УГД. Посебно е значењето на Универзитетот „Гоце Делчев“ за нас како општина, јакнејќи го локалниот економски развој. Се надевам дека со реформите, одлуките кои во соработка на Универзитетот, МОН и ние како Локална самоуправа ќе ги носиме, дека ќе се зголемува од година во година бројот на студентите на УГД и во нашиот град, а со тоа, како што напомнав, ќе се јакне локалниот економски развој и ќе се успее да се подобри квалитетот на високото образование. Со тоа сѐ повеќе млади луѓе, едуцирани, полни со знаење и искуство, ќе можат полесно да излезат на пазарот на труд и да генерираат развој во нашето општество.

Прв академски час се одржа и на сите факултети и академии во состав на Универзитетот „Гоце Делчев“, а студентите кои присуствуваа на првиот академски час на посебни штандови можеа да добијат информации кои им се потребни за студирањето и престојот на УГД и во Штип.