Search
|     contact@ugd.edu.mk

Започна првиот уписен рок на УГД

Споделете

УГД го започна Првиот уписен рок за запишување на студенти во прва година во академската 2024/2025 година.

 – Во текот на овие четири дена (20, 21, 22 и 23 август) сите оние кандидати кои веќе се пријавија во нашиот систем и сите кои гледаат интерес да студираат на нашиот универзитет ќе можат да направат апликација и да ги достават своите документи. Со тоа завршува нивниот дел од аплицирањето, а понатаму ние ги верификуваме нивните податоци и ќе ги рангираме, прелиминарни и конечни резултати. На 5 и 6 септември е вториот уписен рок, а третиот е на 18 и 19 септември. Кандидатите кои веќе направиле свој профил во нашиот систем, направиле апликација, треба сега да ги донесат документите. Важно е дека не мораат во овие жешки денови да патуваат до Штип, можат документите да ги достават во некој од наставните центри на УГД во Скопје, Гевгелија, Кавадарци и во Струмицаизјави проректорот за настава на УГД, проф. д-р Мишко Џидров, на првиот ден од првиот уписен рок.

И годинава има ослободувања од плаќање партиципација за одредени категории.

Ослободување од плаќање на партиципација за студирање во првата година од студиите во студиската 2024/2025 г. е можна за запишани во прв уписен рок како редовни студенти во државна квота, рангирани според постигнат успех од средно образование, кој не треба да е под 80 поени:

  • Факултет за медицински науки – најдобрите 40 рангирани кандидати (20 на студиската програма – Општа медицина, 10 на студиската програма – Фармација и 10 на студиската програма – Дентална медицина);
  • Земјоделски факултет – најдобрите 20 рангирани кандидати;
  • Факултет за природни и технички науки – најдобрите 20;
  • Економски факултет – 20;
  • Правен факултет – 20;
  • Факултет за туризам и бизнис логистика – 20;
  • Електротехнички факултет – 10;
  • Машински факултет – 10;
  • Технолошко-технички факултет – 10;
  • Факултет за информатика – 30;
  • Факултет за образовни науки – 10;
  • Музичка академија – 10;
  • Ликовна академија – 5;
  • Филмска академија – 5.

 

Ослободувањето од партиципација не се однесува на кандидати што завршиле средно образование пред учебната 2007/2008 година и не полагале државна матура.

На Филолошки факултет се ослободуваат од плаќање партиципација кандидатите запишани во сите уписни рокови како редовни студенти во државна квота со успех од средно образование не помал од 80 поени:

  • Македонски јазик и книжевност – сите кандидати.  Активните студентите на оваа студиска програма се ослободени од плаќање партиципација од прва до четврта година на студии;
  • Германски јазик и книжевност – најдобрите 10 рангирани кандидати;
  • Турски јазик и книжевност – 10;
  • Италијански јазик и книжевност – 10 (рамномерна распределба по градови: 5 во Штип и 5 во Струмица);
  • Англиски јазик и книжевност – 20 (рамномерна распределба по градови: 10 во Штип и 10 во Струмица).

 

Освен за најдобро рангираните студенти на уписите, УГД ќе овозможи олеснувања и за други категории за студенти. Постојано се ослободуваат од плаќање партиципација во прва година ромските студенти, ослободување има за студентите кои се дел од спортските тимови на УГД, а ќе се вклучат и оние категории кои не се опфатени со ниту еден конкурс. Тоа ќе биде со еден дополнителен конкурс кој ќе биде објавен во наредниот период, а тоа е за категориите студенти со еден родител, со починат родител, родител кој го загубил своето старателско право, непознат родител или пак двајца студенти од семејство со минимални примања. Од минатата година, помош имаат и талентираните студенти, оние со просек над 9,5 и со над 40 кредити.

Интерес има и од странски студенти. Има студенти кои веќе една година изучуваат македонски јазик,  а има интерес и за студиските програми на англиски јазик. Имаме четврти факултет кој има студиска програма на англиски јазик, тоа е Економскиот факултет. Претходно веќе имаме на Факултетот за медицински науки, Факултетот за информатика и Правниот факултетрече проректорот Џидров.