Земјоделскиот факултет на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип го одржа четвртото издание на Меѓународното советување „Агронаука и пракса“.
Годинава на советувањето беа организирани неколку панел-дискусии на теми од земјоделските практики, можности за производство на лекови, дигиталните технологии во земјоделството, а учествуваа универзитетски професори, како и претставници на компании и институции.Деканката на Земјоделскиот факултет, проф. д-р Емилија Арсов, вели дека ова меѓународно научно-стручно советување е со намера да ги обедини сите релевантни фактори од земјоделскиот сектор за споделување на нивното знаење, искуство и проблеми.
„Една од главните цели е да се направи мост и да се овозможи силна комуникација помеѓу научноистражувачката и практичната работа во земјоделскиот сектор, како во нашата земја, регионот, така и пошироко, со што ќе се добие меѓународна димензија. Имајќи ги предвид сите промени кои ни се случуваат во животната средина, климатските промени, температурните промени, коишто влијаат како на луѓето, така и на растителниот и животинскиот свет мора науката силно да се поврзе со праксата за да може да имаме достигнување, односно да може да одговориме на предизвиците. Затоа и оваа година имаме атрактивни теми на нашето меѓународно советување“ – рече деканката, проф. д-р Арсов.
„Последните години се потопли, а вегетацијата на растенијата е поместена за две до три недели“, изјави Горан Басовски од Управата за хидрометеоролошки работи. „Со намалување на приносите, земјоделците ќе го платат данокот од климатските промени. Токму температурните промени носат и поместување на работата на земјоделци на нивите и предизвикува како што вели мал ризик за појава на мразови. Оваа година за среќа растенијата не беа подложни на пролетните мразови. Но, глобалното затоплување е причина за појава на многу болести и инсекти посебно кај житните култури. Почетокот на жетвата ќе биде порано од претходно. Ќе се намали периодот на вегетација и некаде може да се одрази на приносот, односно да се намали“, изјави Басовски.
Според него, потребна е поголема анализа за влијанието на климатските промени врз земјоделските култури, а нашата земја околу половина век ги мери температурните промени. Смета дека е потребен подолг временски период за да се соберат податоците и да се направи анализата за влијанието на климатските промени врз производството на храна.
Бубе Трајковски, еден од најголемите производители на житни култури во земјава, вели за да имаме одржливо производство на житни култури кои ќе дадат добри приноси и покрај климатските промени, потребно е користење на фунгициди. Трајковски успеал да го дуплира производството на житото.
„Во последниве години имаме сериозни проблеми со временските услови, а тоа предизвикува големи стресови на растенијата. Веќе не може да се произведува без употреба на фунгициди. Ние сме од ретките кои вршиме заштита на житарките, одиме со три до четири третмана. Врз база на користење на фунгицидите добиваме одлични резултати. Може да се пофалиме со приноси на пченица од шест до осум тона“, рече Трајковски.
Поранешниот декан на Земјоделскиот факултет, проф. д-р Илија Каров кој има истражувања во делот на кочанскиот ориз истакна дека научната фела треба да работи на откривање на нови хибриди кои ќе бидат отпорни и приспособливи на новите климатски услови.
„Потребни се сорти со пократка вегетација, издржливи на суша, но и ќе бидат пониски. Тоа значи дека ќе немаат толку голема лисна маса. Едноставно треба да бидат приспособливи на новонастанатите услови и климатски промени коишто се очекуваат“, рече Каров.