Search
|     contact@ugd.edu.mk

УГД домаќин на Европската универзитетска алијанса

Споделете

Универзитетот „Гоце Делчев“ е домаќин на серија состаноци со претставници од членките од Европската универзитетска алијанса „Applied, Connected, Entrepreneurial and Engaged – European University (ACE2-EU)“ – „Addressing Future Challenges – Driving Societal Transformation” во која Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип учествува како рамноправна членка.

Алијансата ACE2-EU беше формирана во декември 2023 година, во седиштето на Политехничкиот универзитет во Сантарем, Португалија, и во нејзиното формирање учествуваат девет европски универзитети: Политехничкиот универзитет во Сантарем, Португалија; Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, Македонија; Каринтскиот универзитет за применети науки во Австрија; Универзитетот „Константин Бранкуш“ во Тргу Жиу, Романиja; Технолошкиот универзитет во Каунас, Литванија; Универзитетот „Франциско де Виторија“ во Шпанија; Медицинскиот универзитет во Полска; Летонската академија на културата во Летонија и Техничкиот универзитет „Хошуле Инглоштад“ во Германија.

Чест ми е што денес можам да ги поздравам нашите партнери од Европската алијанса на универзитети. Членките на оваа Алијанса, иако различни по тоа што го нудат, академското знаење, истражувачките капацитети се доста различни, наоѓаме еден заеднички интерес да се споиме, да изградиме мостови во кои нашите студенти ќе може да добиваат знаење на која било од овие институции, нашите професори ќе може да соработуваат и истражуваат на заеднички проблеми и како што е мотото на Алијансата, денес да ги предвидиме проблемите кои ги очекува нашето општество и да ги адресираме, односно да пробаме да ги решаваме уште денес идните проблеми. Сигурен сум дека ова е еден нов квалитет во работата на нашите универзитети, се предвидуваат огромен број на мобилности за студентите, за наставничкиот кадар, спојување на истражувачката инфраструктура на заедничка работа на проекти. Се работи за универзитети кои навистина има што да понудат и од аспект на квалитет на истражување и на настава. Крајната цел би била нашите студенти да имаат дипломи кои ќе бидат признати, буквално една диплома од сите девет универзитети изјави ректорот на УГД, проф. д-р Дејан Мираковски.

Ректорот на Политехничкиот универзитет во Португалија, Жуан Мутао, посочи дека со инвестирање во подобар едукативен систем се придонесува за подобра иднина на сите. Верува дека оваа соработка ќе придонесе за подигање на иновацијата и претприемништвото во општествата.

Оттука веруваме дека со подобро образование и подобар едукативен систем ние можеме да обезбедиме подобра иднина за сите нас. Ние, како Алиајанса, пред сѐ веруваме во промоција, односно се бориме за промоција на иновацијата, се разбира, и на соработката и веруваме сите овие работи ќе придонесат токму за подигање на иновацијата и на соработката, меѓутоа и на претприемништвото во овие општестварече Мутао.

На настанот присуствуваше и градоначалникот на Штип, Иван Јорданов, кој како и градоначалниците од универзитетските градови во Португалија, практично е партнер во целиот проект. Тој рече дека е чест и задоволство што во Штип имаме гости од осум европски универзитети.

Ова потврдува дефинитивно дека Штип е образовен центар и вредностите кои се потребни во општеството, додадената вредност која се создава преку образованието е најсилна и неопходна за развој на општеството и за сите сегменти во него. Навистина ми е чест и задоволство и сум сигурен дека оваа соработка ќе овозможи пренос на знаења, повеќе искуства и развој на целото општествоизјави градоначалникот Јорданов.

Целта на Алијансата е токму создавање на транснационална алијанса на високообразовни институции со цел да се развие меѓусебна долгорочна институционална структурна и стратешка соработка, заснована на заеднички вредности и принципи, чија крајна цел e да се постигне одржливост во меѓусебната соработка. Оваа Алијанса работи на остварување потесна соработка помеѓу универзитети дел од Алијансата, преку размена на знаење и искуства, заеднички истражувања и иновации, остварување на мобилности на сите нивоа, создавање и промовирање на заеднички студиски програми и други активности од делокругот на соработката, коишто се ориентирани кон остварување на извонредност на Универзитетот во делот на науката и образованието, но и поврзување на истиот со општествената заедница во насока на остварување на третата мисија на Универзитетот

Досега се одржаа два состаноци на Алијансата, и тоа во Сантарем, Португалија и во Брисел, Белгија, на кои се развиваше соработката и се дефинираа насоките за понатамошната соработка. Состаноците што ќе се одржат на УГД ќе бидат трети по ред и идејата на состаноците ќе биде воспоставување на поцврста соработка и вмрежување помеѓу универзитетите во рамките на Алијансата, како и надоврзување и дискутирање на досегашните преземени активности и проекти.