Име и презиме: Биљана Балабанова
Факултет каде што предавам, титула и област на специјализација: Земјоделски факултет, вонреден професор во научната област хемија на земјиште и тековно ја извршувам функцијата продекан на Земјоделскиот факултет.
Образование: Додипломските, магистерските и докторските студии се реализирани на Природно-математичкиот факултет на Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Краток професионален профил: По завршувањето на додипломските студии, избрана сум за помлад асистент на УГД, по што магистрирам во областа хемија на животна средина и аналитичка хемија при Институтот за хемија (Оддел за атомска спектрометрија) ПМФ, УКИМ, Скопје. Во 2014 г. докторирав во истата област, следствено во 2015 г. бев избрана за доцент на Земјоделски факултет. Денес работам како вонреден професор на Земјоделски факултет, како и ангажиран наставен предавач на Технолошко-технички факултет, Машински факултет, Факултет за природни и технички науки и Факултет за медицински науки.
Од 2007 г. до денес континуиранo и посветено се занимавам со научноистражувачка дејност за следење и идентификација на дистрибуцијата на хемиските елементи во животната средина, храна и хранливи продукти, биолошки материјали и сл., како и развивање и воведување аналитички методологии со имплементација на атомска и масена спектрометрија во научниот центар УНИЛАБ при Земјоделски факултет.
Автор сум на повеќе од 100 научноистражувачки студии, научно-стручни поглавја и монографии. Нашата истражувачка дејност е меѓународно препознатлива, со над 800 цитати во референтни научни бази. Континуирано сум вклучена во повеќе програми за вмрежување како што се COST, CEEPUS и ERASMUS. Во периодот од 2016 г. до денес имам реализирано три билатерални проекти помеѓу РС Македонија и НР Кина како главен проектен координатор. Како истражувач сум дел од повеќе тековни и реализирани национални и меѓународни проекти. Успешна соработка остварувам и со младинските организации за што говорат неколку успешни проектни дејности реализирани со грантови на WBAA и EU. Тековно, Земјоделскиот факултет и јас како истражувач сме дел од научен проект од HORIZON EUROPE програмата.
Во три збора би се опишал/а себеси како: Посветена, борбена и искрена.
На УГД се вработив (кога и како): Нa УГД се вработив со формирањето на Универзитетот во 2007 г., избрана од Матичната комисија како помлад асистент во областа хемија. И оттогаш се испишува една успешна приказна која трае веќе 17 години, а посакувам да трае долго…
УГД ми помогна во мојот професионален развој преку: Како млада институција, УГД од формирањето вложува огромен капитал во унапредувањето на наставно-научниот кадар, преку процеси на вмрежување со други институции и научни центри, каде што младите истражувачи имаа и имаат можности континуирано да се унапредуваат. Како дел од овој развоен систем имав бројни можности за професионално надградување и остварување на бројни проекти. Од денешна перспектива можам да истакнам дека Земјоделскиот факултет, како и УГД во целост, располагаат со висококвалификуван кадар и научноистражувачки инфраструктурни капацитети, коишто претставуваат значаен симбол на препознатливост на национално и глобално ниво.
Во врска со УГД најмногу ми се допаѓа: Интегрираноста, прогресивноста и континуираната развојна идеологија…
Омилен дел од мојата работа: Иновативноста… од секој аспект, во научните истражувања и во работата со студентите. Посебно би ги нагласила методолошките пристапи во приближувањето на хемиските науки кон студентите кои често пристапуваат со апатичност кон истите. Дотолку повеќе, истражувачките капацитети на УГД – УНИЛАБ обезбедуваат море на можности во креирањето и имплементирањето на нови и развојни научни идеи.
Од професионални достигнувања издвојувам: Осмоноемвриско признание за особен придонес во промоција на Општина Штип во областа на науката, како и признанието за почесен професор на Универзитетот за хемиски технологии во Шенјанг, НР Кина. Но најзначајна награда за еден универзитетски професор е успехот на неговите студентите. Можноста да се биде креатор на знаење и соучесник во генерирањето на успешни млади луѓе, кои се идните носители на развиените општества, е непроценлива награда за која секојдневно се борам.
Методологија која ја користам во работата со студентите: Креирање на позитивни корелации со младите – обезбедување на отворен пристап на комуникација и запознавање со личноста на студентите. Во процесот на пренос на знаење често се соочуваме со генерациска различност во прифаќањето на механизмите за учење. Затоа, прифаќањето и почитувањето на различноста започнува со признавање и разбирање на разликите во мислењата. На овој начин може да се обезбеди максимална успешност во преносот на знаење.
Најважно во работата со студентите е: Директната интеракција, со посебен акцент на меѓусебното почитување и отворената комуникација. Заемното почитување води кон позитивни односи и ни помага да создадеме средина во која сите универзитетски алки/чинители ќе можат да воспостават и реализираат заедничка мисија и визија за нивните заедници. Од друга страна, отворената комуникацијата е од суштинско значење за да се работи ефективно со младите луѓе во постигнување и/или остварување на заедничките цели.
Животна мудрост која ја споделувам: „Бидете помалку љубопитни за луѓето, а пољубопитни за идеите” – Марија Склодовска-Кири
Книга, видео, филм, поткаст или настан кој би го препорачал/а: Пишаниот збор за мене сѐ уште претставува најсилната алатка за унапредување на умот, затоа топло ја препорачувам книгата „Од агресија до љубов“ од авторите Т. Костовска и М. Чепреганов.
Совет за младите како идни студенти: Бидете визионери, носители на нови идеи, креатори на успешни процеси! Но најважно од сѐ, бидете истрајни и трпеливи. Успешноста е долготраен и макотрпен процес, но затоа предизвикот за освојување на знаење нека биде ваша мотивација и инспирација.
За повеќе информации за можностите кои ги нуди УГД, посетете ја нашата веб-страница: https://www.ugd.edu.mk
Дополнителни информации за професорите на УГД може да најдете на следниов линк: https://life.ugd.edu.mk/index.php/nauka
Детални информации за студиската насока и факултетот се достапни на следниов линк: https://zf.ugd.edu.mk/index.php/mk/studiski-programi/prv-ciklus
Едукативни и информативни колумни од нашите професори може да најдете на следниов линк: https://life.ugd.edu.mk/index.php/nauka