Search
|     contact@ugd.edu.mk

„Во амфитеатар со“ – проф. д-р Даниела Коцева

Споделете

Име и презиме: Даниела Коцева

Факултет каде предавам, титула и област на специјализација:

Факултет за образовни науки при Универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, вонреден професор од областите социологија и социологија на етничките групи. Во моментот ја извршувам и функцијата продекан на Факултетот за образовни науки.

 

Формално образование:

Докторски студии 2014 ‒ Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

Филозофски факултет ‒ Скопје, Институт за социологија

Доктор по социолошки науки

Магистерски студии 2010 ‒ Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

Филозофски факултет – Скопје, Институт за социологија

Мaгистер по социолошки науки

Факултетски студии 2006 ‒ Универзитет „Св. Кирил и Методиј“

Педагошки факултет, Штип

Дипломиран професор по одделенска настава

Формалното образование, благодарение на УГД континуирано се надополнува и надоградува со знања, умеења и со вештини стекнати преку учество на многубројни конференции, обуки, работилници, проекти кои овозможуваат еден поинаков начин на конципирање и примена на веќе стекнатите знаења, што дополнително овозможува градење на ново, поинакво образовно ниво и искуство.

 

Краток професионален профил:

Во 2002 година се запишав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на Педагошкиот факултет во Штип, на одделот за одделенска насока. Студиите ги завршив во

предвиденото време со просек 9.5, со што бев прогласена за најдобар студент на генерацијата, пофалена и наградена од: деканот на Педагошкиот факултет „Гоце Делчев“ – Штип, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, како и од премиерот на Владата на Република Македонија.

Веднаш по завршувањето на факултетот во 2006 година се вработив како одделенски наставник во ОУ „Страшо Пинџур“ во Карбинци.

Во учебната 2007 година, како редовен студент, се запишав на постдипломските студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ при Институтот за социологија на Филозофскиот факултет во Скопје.

Во 2010 година на Филозофскиот факултет во Скопје на Институтот за социологија, насока Социокултурна антропологија со социологија на етничките групи, го одбранив магистерскиот труд под наслов: „Разликите во образовните постигнувања по етничка основа кај учениците во основните училишта во општините Штип, Кочани и Радовиш“ и се здобив со научен степен магистер (м-р) по социолошки науки, според кредит системот (ЕЦРС) со средна оцена: 9,62 (девет шеесет два).

На 29.9.2014 година, успешно ја одбранив докторската дисертација под наслов: „Религиското образование во мултиетничките општества со осврт на македонското општество“, под менторство на проф. д-р Марија Ташева, со што се здобив со научен степен доктор (д-р) на социолошки науки.

Во три збора би се опишал/а себеси како:

Амбициозна, упорна, комуникативна

На УГД се вработив (кога и како):

Моето прво работно искуство беше веднаш по завршување на студиите во 2006 година во ОУ „Страшо Пинџур“ – Карбинци, како одделенски наставник, што дополнително ми беше поттик за придвижување на вертикалната образовна скала.

Пред конституирањето на Универзитетот, најпрвин започнав како помлад асистент на Педагошкиот факултет во Штип, кој тогаш беше во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, а по конституирањето, продолжив во склоп на Универзитетот „Гоце Делчев“, минувајќи низ сите фази на развој во наставната и во научната област (од помлад асистент до вонреден професор).

Веќе 16 години заедно со УГД, активно ја градам кариерата во високото образование со континуирано напредување и усовршување.

УГД ми помогна во мојот професионален развој преку:

  • Академската слобода е важна за творење, истражување и изразување, како најважна компонента за секој научен работник.
  • Поттик за усовршување во знаењата важни за напредок не само во наставно-научните звања, туку и за работни позиции базирани на квалитет.
  • Можностите за учество и организација на бројни конференции, трибини, проекти, обуки.
  • Користење на современа технологија, апликации и алатки кои го олеснуваат процесот на учење и настава.
  • Поддршка во процесот на објавување стручна литература, трудови, книги, скрипти, практикуми и нивна поголема видливост.
  • Постојано растење, збогатување и размена на квантумот на знаења преку креативно општење во интелектуалната академска средина на УГД, со вработените и со студентите.
  • Поддршка, морална и финансиска, во она во што најмногу сакам да го правам, а тоа се предавњата, истражувањата, како и активното вклучување во сите процеси за унапредување и за промовирање на науката и на наставата.

 

Во врска со УГД најмногу ми се допаѓа:

Квалитетните услуги испорачани до студентите на секое ниво: наставно–научно, практично и административно.

Усовршувањето и унапредувањето на човечкиот потенцијал, како и условите за работа и примена на технологијата.

Отворената соработка и комуникација на сите нивоа, што придонесува за поефикасно работење и подигнување на квалитетот на услугите, преку заемната почит, толеранција и прифаќење на нови идеи и иновации.

Транспарентноста во соработката со сите општествени институции и сите засегнати чинители од опкружувањето.

Омилен дел од мојата работа:

Уживам во секоја секунда и во секој аспект од мојата работа, иако морам да признаам дека омилен дел од неа ми се предавањата и вежбите, каде во една конструктивна и креативна атмосфера, заеднички со студентите, доаѓаме до знаења и отвораме нови духовни перспективи. Се чувствувам исполнето кога го споделувам светогледот на младите, кога се соочувам со нивните дилеми и предизвици. Да се биде професор, значи постојано да се обновувате со младоста на новите генерации и постојано да се трудите да доаѓате до нови сознанија, но и да се возвишувате кон морални вредности потребни за градење на една здрава млада личност. Факт е дека светот постојано се менува, а процесот на учење е континуиран, но и заемен, и затоа неретко во овој процес се соочувам со нови, изненадувачки и за мене, светогледи и предизвици, со кои се соочуваат младите денес, што дополнително ме „провоцира“, а со тоа и мотивира да се давам сè повеќе, за да дадам што поголем придонес во трасирањето на патот на младите преку образование, но и воспитание во современи услови, а сепак, на здрави и трајни морални основи. Да се биде постојано провоциран, дури и „шокиран“ од новите генерации, значи да се остане отворен и подготвен за секоја нова генерација и нивните секогаш нови светови.

Останатите аспекти од оваа работа, како истражувањето, пишувањето и творештвото, воопшто, учеството на конференции и семинари, работата на проекти, како и остварувањето на нови соработки со колеги насекаде во светот, се само дополнителен стимул за мене. Постојаната комуникација и размената на практики и искуства со другите колеги, е нешто што е задача на секој професор, преку која не само што се држи во форма, туку и постојано е во тек со новите сознанија од областа. Како продекан за настава, пак, административните обврски, а особено комуникацијата со образовните институции, соработката со градинките и основните училишта, со цел унапредување и усовршување на студентската пракса, за мене стана нов, неоткриен и предизвикувачки аспект од мојата работа.

Од професионални достигнувања издвојувам:

  • Секој работен ден исполнет со предавања, работни активности и комуникација со млади надежни студенти;
  • Отворена соработка и комуникација со сите соработници.
  • Објавени трудови во реномирани меѓународни списанија;
  • Објавена научна книга и прирачник на македонски и англиски јазик, скрипта и практикум,
  • Член на редакциски, уредувачки одбори и рецензентна референтни научни списанија;
  • Учеството во проекти;

 

Методологија која ја користам во работата со студентите:

Со оглед на тоа што предавам теоретски (општообразовни) предмети најмногу внимание посветувам на дијалогот, дискусиите и дебатите во предавалната. Низ интерактивни форми, методи и техники на работа, постојано разменуваме идеи и искуства и така стекнуваме знаења. Често се случува студентите тимски да анализираат и презентират содржини и проблеми од јавен интерес, со цел, низ еден процес на критичко мислење, самите да формулираат ставови за важните општествените случувања и текови.

Често сакам да користам и дигитални содржини, како презентации, видеа, филмови, поврзани со наставната содржина, затоа што знам дека денес тоа е во голем дел светот на младите. Исто така, сакам да правам директно поврзување на содржините и наставните единици со опкружувањето, преку посета на општествени институции како општина, собрание, образовни институции, религиски институции, музеи и сл., затоа што социологијата е наука за општеството, но тоа не е само нешто теориско, апстрактно, туку и конкретно милје, наше секојдневно опкружување. Тоа им дава можност на студентите да ги поврзат и да ги применат знаењата.

Најважно во работата со студентите е:

Најважно во работата со студентите е да ги мотивираш, да го задржиш нивното внимание и интерес. Во дигитална ера, во ера на брз пристап до информации, можеби поважно од знаењето е мотивацијата за знаење. Затоа многу важно за мене е нивното вклучување во бројни воннаставни, културни, спорски активности кои ги нуди УГД, како еден од клучните начини за нивна мотивација. Будењето на свеста и граѓанскиот активизам на младите е една од моите воспито-образовни цели, затоа што само високо морално профилирана, самосвесна единка, културно изградена и политички освестена, може да гради здраво општество.

Животна мудрост која ја споделувам:

„Сè тече, сè се менува“, парафраза на Хераклит, затоа што укажува на постојаноста на промените! Само промената е вечна.

Книга, видео, филм, поткаст или настан кој би го препорачал/а:

Книга

Покрај стручната литература, слободното време најчесто го исполнувам со читање на слободна литература од разновидни жанрови. Во мојот фокус, особено се психолошки, филозофски и историски книги. Навистина ми е тешко да издвојам една, но првенствено топло ги препорачувам делата на Руми, персиски теолог, философ, правник, поет (збирка поезија „Два света“, „Големата црвена книга“). Секако, неодминливи се руските класици, како Лав Николаевич Толстој и Ф. М. Достоевски. Но, сепак, мене омилен писател ми е Милан Кундера. Ги препорачувам и делата на Ирвин Јалом, американски психијатар, теоретичар, практичар, професор и романсиер („Лекување со Шопенхауер“, „Кога Ниче плачеше“, „Проблемот Спиноза“), како и на Гери Чепмен антрополог („Петте јазици на љубовта“). Најдете секако време и за Нелсон Мендела („Долгиот пат до слободата“), Виктор Е. Франкл („Човековата потрга по смислата“), Махматма Ганди (Автобиографија: приказната за моите експерименти со вистината). Од македонските автори, секако најпопуларниот Венко Андоновски („Папокот на светот“), но и не толку популарниот, но брилијантен Влада Урошевиќ, кој годинава се закити со наградата Роман на годината. Ако сте од оние кои се по т.н. популарната психологија, би ви го препорачала Робин Шарма („Манифест на секојдневниот херој“), иако тука ќе препорачам внимателност, затоа што се објавува многу, но малку е вредно за читање.

Филм

– The secret in their eyes

– Don`t look up

Документарен филм ‒ Won’t You Be My Neighbor?

Видео, https://www.youtube.com/watch?v=fC9da6eqaqg, ТЕД говор за воспитанието, образованието и социјализацијата на женските деца -Teach girls bravery, not perfection | Reshma Saujani, автор на книгата „Храбри наместо совршени“.

Совет за младите како идни студенти:

Не споредувајте го својот пат со ничиј друг. Животот нека ви биде едноставен, давајте и помагајте повеќе отколку што земате. Работете напорно и достоинствено, секогаш уживајте во друштвото на мудри луѓе, инспиративни книги и здрава врска. Но, најважно е да останете верни на своите идеали, доблести и вредности. Не одложувајте ги вашите соништа. Животот треба да го живеете сега и овде, и навистина еден ден сè ќе има смисла.

 

За повеќе информации за можностите кои ги нуди УГД, посетете ја нашата веб страна: https://www.ugd.edu.mk

Дополнителни информации за професорите на УГД, може да најдете на следниов линк: https://life.ugd.edu.mk/index.php/nauka

Детални информации за студиската насока и факултетот се достапни на следниот линк: https://fon.ugd.edu.mk/index.php/mk/studiski-programi/prv-ciklus

Едукативни и информативни колумни од нашите професори може да најдете на следниов линк: https://life.ugd.edu.mk/index.php/nauka